И „Икеа“ попушти – масовно ќе ги зголемува цените

Шведската компанија наведе дека причината за порастот на цените е зголемување на трошоците низ синџирот на снабдување, вклучувајќи суровини, транспорт и логистика


 

„Икеа“ ја зголеми цената на својот мебел и до 50 отсто, обвинувајќи го зголемувањето на трошоците во синџирот на снабдување предизвикано од Ковид-19, пишува „Гардијан“.

Откако клиентите ширум Европа се пожалија дека цените нагло пораснале по Божик, „Икеа“ соопшти дека повеќе не може да ги апсорбира зголемените трошоци и затоа ги пренесува на потрошувачите.

Портпаролот на „Икеа“ на Твитер напиша: „За жал, има значително зголемување на трошоците низ синџирот на снабдување, вклучувајќи суровини, транспорт и логистика. Бидејќи ова сè уште трае, моравме да ги зголемиме цените на многу од нашите производи“.

Портпаролот рече: „Од почетокот на пандемијата, ‘Икеа’ успеа да апсорбира значително зголемување на трошоците низ синџирот на снабдување, одржувајќи ги цените што е можно пониски и стабилни. Сега, како и многу други трговци на мало, моравме да ги зголемиме цените за да го ублажиме влијанието врз нашиот бизнис.

Зголемувањето на цената варира, но останува во согласност со она што го гледаме на глобално ниво во ‘Икеа’, што е приближно 9 проценти од просечното зголемување во различни земји и опсег на производи. Достапноста останува во срцето на нашиот бизнис, а нашиот фокус секогаш ќе биде да продолжиме да нудиме квалитетен, одржлив домашен мебел по прифатлива цена“.

Претходно оваа година, „Икеа“ предупреди дека цените ќе пораснат, оправдувајќи го со тесните грла во испораката на суровини од Азија во Европа.