И хрватскиот премиер Пленковиќ оди на тестирање за корона


Како што дознава „Јутарњи лист“ хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ќе биде тестиран на Ковид-19.

За време на посетата на тенискиот турнир „Адрија тур“ во Задар во саботата, тој разговараше со Ѓоковиќ, Иванишевиќ и Чилиќ. „Средбата траеше буквално 2-3 минути, немаше ракување или близок контакт. Иако не беше во контакт со заразените, Андреј Пленковиќ ќе биде тестиран денес“, рекоа од владата.

Оттаму објаснуваат дека Пленковиќ во саботата попладне бил на турнирот во Задар само на 30-45 минути, дека не бил во контакт со заразени тенисери, а Димитров во тоа време воопшто не бил во Хрватска, велат во владата.

Откако во јавноста излегоа информации дека Борна Ќориќ е позитивен на корона вирусот, зборуваше и самиот хрватски тенисер.

Тој тоа го стори преку објава на Инстаграм.

„Здраво на сите, сакам да ве известам дека сум позитивен на Ковид -19. Ги молам сите што биле во контакт со мене во последните неколку дена да се тестираат. Многу ми е жал ако некому му предизвикав некаков проблем. Се чувствувам добро и немам никакви симптоми. Пазете се Им праќам многу љубов на сите!“, напиша Ќориќ.

„Адрија тур“ се најде во центарот на вниманието откако Григор Димитров објави дека е позитивен за корона вирусот.

Од сите страни доаѓаат лавини на критики за неодговорно однесување и недостаток на социјална дистанца.

Австралискиот тенисер Ник Кириос реагираше на објавата на Ќориќ.

„Колку е глупава одлука да се одржи оваа егзибиција. Ви посакувам брзо закрепнување момци, но еве што се случува кога ќе ги игнорирате сите протоколи. Ова не е шега“, напиша Кириос преку социјалните медиуми.