И Грција размислува за забрана за движење на возила за Велигден


Грција – Забрана за движење на возилата во сабота вечер и во недела за Велигден, е сценариото, кое според „Катимерини“ е на маса и го разгледува грчката Влада за да се спречи дополнителна раздвиженост на граѓаните за време на празникот, како и да се спречи дополнително ширење на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Според весникот, доколку се донесе одлука за спроведување на оваа мерка, која можеби би била и последната во низата ограничувања за граѓаните, во сабота, по затворањето на маркетите во 20 часот, би се забранило движењето на возила, забрана која би траела и во недела за Велигден.

Пораката во Грција е дека деновите околу Велигден ќе бидат клучни за текот на пандемијата, а грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис, во синоќешната видео порака до граѓаните рече дека војната сè уште не е добиена и иако случаите и бројот на пациенти на Одделите за интензивна нега се намалуваат, сепак, и најмало опуштање, може лесно да доведе до болно враќање назад.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на вчерашниот брифинг со новинарите, порача дека не се дозволени посети на домови на роднини и пријатели во сабота за Велигден или во недела, истакнувајќи дека такво нешто треба да се спречи и тие ќе направат сѐ што треба, за тоа да се спроведе во пракса.

Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Грција објавени вчера попладне, во земјата се регистрирани вкупно 2.145 позитивни случаи на Ковид-19 и 99 жртви од почетокот на епидемијата.

Од 23 март во сила е ограничување на движењето на граѓаните, кое ќе трае до 27 април 2020 година.