И Грција ќе ги отвора училиштата


Постепено отворање на образовните институции и задолжително носење маска во сите затворени и прометни простори за граѓаните се двете нови препораки од надлежната експертска комисија за Ковид-19 во Министерство за здравство на Грција.

-Комисијата на експерти одржа состанок и предложи одново започнување на работата во образовните институции, кое што треба да биде постепено, со предуслови и земајќи ги превид епидемиолошките податоци, рече претставникот за Ковид-19 на Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас на денешната редовна прес-конференција.

Професорот објасни дека комисијата се изјаснила и за тоа дали во следната фаза од мерките, за носењето маска во јавниот превоз и затворените простории, треба да има силна препорака или употребата да е задолжителна.

-Комисијата, со мнозинство одлучи носењето да биде задолжителна мерка. Како на пример во продавници, болници, ординации, дијагностички лаборатории, берберници, фризерски салони, салони за убавина. Во сите затворени прометни места, треба да биде задолжително носењето маска и за посетителите, но и за вработените кои имаат близок контакт со луѓето, како што се продавачи или касиери, објасни професорот и истакна дека од особена важност е и правилното ставање и вадење на маската, а на граѓаните им порача дека пожелно е да секогаш в џеб да имаат антисептик.

Паралелно, на прес конференцијата беа соопштени и новите податоци за ситуацијата со Ковид-19 во Грција.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 17 нови случаи, а починаа уште две лица.

Од почетокот на епидемијата со новиот коронавирус заразени се 2.534 лица, а 136 почина.
Приклучени на апарати се 43 пациенти, а од Одделите за интензивна нега биле отпуштени 65 лица.
Досега, во Грција се анализирани 66.094 примероци.