И Грција ја регулира употребата на електрични тротинети


Низа мерки за ракување и употреба на електричните тротинети предлага Министерството на транспорт на Грција до новоформираната надлежна комисија, за да се воведат основни правила поврзани со безбедноста, јави дописничката на МИА од Атина.

Во групата „Лесни лични електрични возила“ вклучени се оние превозни средства кои се напојуваат со електричен мотор и не се дел од Законикот за патнички сообраќај. Од грчкото Министерство во оваа група ги вклучуваат ролерите, скејтбордите, електричните тротинети и средствата слични на нив.

Ракувачите треба да бидат на над 15-годишна возраст или над 12, доколку се во придружба на полнолетно лице и задолжително да носат кацига.

Конкретните превозни средства се поделени во три категории, зависно од брзината што може да ја достигнат.

Оние со максимална брзина од шест километри на час се во иста категорија со пешаците и може да се движат слободно во пешачките зони.

Доколку просечната брзина што може да ја достигне средството е од шест до 25 километри на час, се сметаат за велосипеди и се водат според истите правила предвидени со законот за движење на велосипедите.

Во третата група се оние средства што може да достигнат просечна брзина од над 25 километри на час и ќе бидат парично казнени во висина од 400 евра во случај да се движат вон местата дозволени за нив.

За првите две категории предвидено е превозните средства да бидат обележани со специјална налепница.

Во комисијата ќе учествуваат претставници од министерствата за економија и за цивилна заштита, од унијата на општини, од Здружението на инженери за транспорт, од Институтот за безбедност на патиштата и од Институтот за одржлива мобилност и транспортни мрежи.

Електричните тротинети, преку две различни компании достапни им се за изнајмување на Грците и туристите во Солун и Атина.