И Грциja има кампања „Остануваме дома“ – за промоција потрошиле 20 милиони евра


Телевизии, радија и сајтови, вкупно 1.232 грчки медиуми добиле финансиски средства од Владата во висина од 20 милиони евра за кампањата „Остануваме дома”, односно за кампањата за информирање на граѓаните за превенција од коронавирусот на почетокот на пандемијата и во периодот додека земјата беше во карантин, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретната листа со сите медиуми и износот што го добил секој поединечно, денеска до новинарите ја достави портпаролот на Владата Стелиос Пецас, откако од опозициската СИРИЗА, во изминатиот период, континуирано бараа да се објави листата и обвинуваа дека финансиски средства не добиле сите медиуми и биле изоставени оние кои се критички ориентирни кон власта.

Доколку се направи анализа на листата, средствата се движат од 620 до над еден милион евра.

Највисок износ добила телевизијата „Скај” (1.029.200 евра), а нешто помалку од милион добиле и телевизиите „Стар” и „Антена”.

Весниците „Прото тема”, „Катимерини”, „Та неа” и „То вима” добиле околу 120.000 евра, за радијата износот достигнува до 99.000 евра, а за сајтовите до над 310.000 евра.

На листата не се само информативни медиуми, туку и музички, рекреативни, спортски и сл.

Портпаролот на грчката Влада, на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „вонредната и итна ситуација наметна итно активирање на секакво можно информирање на граѓаните”.

Во однос на листата рече дека било потребно, пред да се објави, да се изврши квалитативна и квантитативна контрола за секој медиум посебно, во однос на тоа дали биле емитувани пораките од кампањата за информирање на граѓаните.