И големиот празник 11 Октомври во челуста на политиката


 

И големиот празник 11 Октомври беше втеран во челуста на политиката. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Владата ја пуштила партиската песна на СДСМ на наместо државната химна на централната свеченост пред Спомен-костурницата во Куманово. Владата оостро одговори дека опозициската партија шири невистини и се обидува да манипулира со јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ утринава преку партиско соопштение рече: „Ковачевски го исквернави 11 Октомври. Наместо државната, владата ја пушти партиската химна, 24 часа од настанот нема извинување. Најмалку што требаше да направи Ковачевски е да се извини и да има одговорност за настанот. Со самиот факт што нема извинување станува јасно дека власта всушност намерно ја пуштила партиската химна на СДС на државен настан“.

Директниот пренос на МТВ од свеченоста во Куманово одеше по овој тек: делегации на државни органи, партиски, на дипломатски претставништво, на борците, положуваа цвеќе пред споменикот, потоа хор ја испеа химната „Денес над Македонија“, потоа хорот ја испеа и познатата песна на Драган Ѓаконовски – Шпато „Се боревме за светла иднина“, па говор одржа градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. После тоа балетска двојка во стилизирани партизански униформи во придружба на хорот кој без зборови ја изведе адаптираната верзија на познатата песна на Лео Мартин „Одисеја“ имаше уметнички перформанс. Па обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, а по него солистка ја изведе со децении препознатливата песна „Тивка партизанска ноќ“. По тоа свеченоста заврши. Гостите почнаа да се разотидуваат, МТВ го заврши преносот. Него можете да го погледнете на овој линк https://www.youtube.com/live/_uuet_MiunU?si=ENIDa1C01tJYlypv

Во своето сооопштение СДСМ вели дека во „видеото објавено на опозициските портали се гледа дека станува збор за вклучување на една национална телевизија во живо, повеќе од 30 минути од завршување на државната свеченост, кога во позадина се гледа дека веќе се демонтира поставената сцена. Јасно е од каде доаѓа идејата за манипулацијата на ДПМНЕ, во нивно време немаше никаква разлика помеѓу државата и партијата…

Партискиот настан на СДСМ со кој членството на СДСМ оддаде почит кон големиот празник на кој почиваат антифашистичките државотворни идеи на земјата, програмски, суштински и временски се разликуваше од сите останати прослави организирани и од централната и од локалната власт. Партиската химна на СДСМ беше дел од партискиот настан кој започна во време на вклучувањето на националната телевизија во живо“.

Владата во својата реакција вели дека „изнесените наводи од страна на ВМРО- ДПМНЕ се лажни и единствено имаат за цел да го нарушат угледот и достоинството на институциите и носителите на јавни функции на Владата на Република Северна Македонија. Токму затоа, бараме повлекување на информацијата од сите медиуми кои ја имаат објавено, а со цел вистинито, прецизно, јасно и точно информирање на јавноста“.