И годинава бесплатни таблети за четвртоодделенците од Аеродром


Општина Аеродром и оваа година го продолжува проектот „Бесплатен таблет за сите“. Со сопствени средства обезбедени од буџетот на општината, секој ученик кој посетува настава во четврто одделение ќе добие бесплатен таблет-уред за полесно совладување на наставата.

Ова на својот Фејсбук профил го објави градоначалникот Тимчо Муцунски, кој истакна дека Општина Аеродром започна постапка за набавка на 900 таблети кои на почетокот од следната учебна година ќе бидат поделени на учениците од четврто одделение.

„Одлуката ја носиме водејќи се од идејата дека секое дете заслужува шанса да успее и да биде во тек со наставата и новите технологии. Наша обврска е без разлика на социјалниот статус, да обезбедиме еднакви услови за успех на сите ученици и во време на дигитална трансформација да го модернизираме образованието“, напиша Муцунски на својот Фејсбук профил.

Општина Аеродром е првата општина која покрај разните образовни, спортски и рекреативни содржини, на најмладите им нуди нов интерактивен начин во процесот за поддршката на едукација. Истовремено, покрај можноста за најмладите да стекнат нови вештини, проектот претставува и сериозно финансиско олеснување на буџетот на семејствата во Аеродром.

Лани, за прв пат, учениците во четврто одделение добија бесплатен таблет. За тие таблети, родителите потпишуваат реверс, а треба да се вратат при завршување на основното образование, односно на крајот од деветто одделение.

Дел од учениците ги користстат таблетите, затоа што во нив ги има учебниците во PDF  формат. Но, бидејќи таблетите се поврзуваат на училишниот интернет, учениците може да гледаат што сакаат на нив, па некои наставници едноставно решија тие да не се употребуваат во училницата. Сепак, тие се од помош, кога се учи некоја лекција по некој од предметите, што ја нема во печатеното издание.