И Франција ќе распореди воена единица поради најавениот протест в сабота


На улиците на Париз (Фото: АФП)

Распоредувањето на полицијата за новите протести планирани во Франција в сабота „ќе биде масовно“, најави премиерот Себастијан Лекорну, признавајќи дека полицијата, на 17 октомври кога имаше немири, била „престатична и недоволно мобилна“.

Лекорну наведе дека министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез веќе дал насоки на полициските префектури.

Нуњез најави и распоредување на дел од армијата да обезбеди засилување на полицијата за време на протестите закажани на 24 октомври.

Ќе ги распоредиме силите Сентинел како замена за внатрешните безбедносни сили, главно за да ги ослободиме полицијата и жандармеријата во нивната мисија за одржување на редот, посочи Нуњез.

Сентинел е антитерористичка единица на француската армија, формирана во јануари 2015 година од тогашниот претседател Франсоа Оланд, веднаш по терористичките напади на магазинот „Шарли Ебдо“ (Charlie Hebdo). Нејзината цел е обезбедување на чувствителни локации, како синагоги, цркви, училишта, железнички станици, аеродроми и туристички места.

Француската влада често ги активира овие сили и како засилување за статично обезбедување за време на масовни немири и протести во земјата, со цел да се ослободат полициските сили за одржување на јавниот ред.

Претходно, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини најави дека по насилните протести за време на викендот во Милано поради лошите јавни услуги и растечките трошоци за живот, владата ќе испрати дополнителни 500 војници за да го „одбранат Милано“.

Италијанската полиција објави дека привела 271 млад човек за време на немирите во неделата во Милано. На немирите им претходеа судири во саботата во други градови во северна Италија, вклучувајќи ги Болоња, Бреша, Бергамо и Торино.