И ЕПИ не виде „назадување“ во извештајот на ЕК, но гледа опасност за преговорите

Според Симонида Кацарска, и со забелешките за „сериозна загриженост“ Македонија има повисока оценка во кластерот „Темели“ од Србија и од Црна Гора во моментов, иако се понапред во преговорите


Симонида Кацарска

 

Институт за европски политики (ЕПИ) излезе денес со „свидетелството“ за реформите на Македонија што ни го даде ЕК, од кое се гледа најтехнички колку стагнирала и колку воопшто напредувала Македонија во однос на лани, бидејќи оценка за „назадување“ нема.

Според Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ, целокупната оценка за нашата подготвеност за членство во ЕУ според овој извештај  е иста како лани, но загрижува недостигот на прогрес  во кластерот  „Темели“, односно во борбата против корупцијата и во правосудството. Според неа, и со овие забелешки за „сериозна загриженост“ од ЕУ во извештајот Македонија има повисока оценка во кластерот „Темели“, кој е клучен за Брисел, од Србија и од Црна Гора во моментов, иако се понапред во преговорите. Сепак, според неа, немањето напредок во поглавјето 23 за владеењето на правото е проблем за вкупните преговори.

„Оценките за напредокот се послаби од минатата година, па наместо ‘одреден напредок’, доминантна оценка е ‘немање напредок’ или ‘ограничен’ напредок. Тоа што треба
особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот
‘Темели’“, вели Кацарска.

Генерално, таа сметаше дека Македонија можеби достигнала некое ниво на подготвеност за ЕУ од кое не може да оди погоре без преговори, во смисла дека сѐ потешко се добива повисока оценка, но иако некои поместувања на подобро не зависат само од политичката волја туку и од  состојбата во парламентот, има други области каде што тоа не е случај, како регулаторните тела, Омбдусманот, Комисијата за конкуренција, статистиката и слично. Тоа што неколку месеци пред избори добиваме предупредување за неостварени реформи околу Изборниот закони, според неа, е исто така важно прашање. Само во три поглавја, посочи Кацарска, е регистриран „добар напредок“ – статистика, слободно движење на капиталот и заедничката надворешна политика. 

„Заклучоците во извештајот се загрижувачки од неколку аспекти. Од една страна, ние како држава континуирано го потенцираме своето високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ. Оваа општа стагнација и во комбинација со недостатокот на напредок во поглавјето 23 за  правосудство и фундаментални права го поткопува тој аргумент кој го користат поддржувачите на нашата ЕУ интеграција. Од друга страна, долгоочекуваниот План за раст, кој го објави Комисијата оваа година, директно го условува напредокот во реформите со достапноста на поддршка од ЕУ, поради што наодите од извештајот оваа година би требало да се сфатат особено сериозно“, оцени Кацарска. Во согласност со оценките анализата на извештајот на ЕК е насловена „Разнишани темели“. 

Од анализата испаѓа дека, ако се исклучат оценките поврзани со измените на Кривичниот законик кои очигледно го испровоцираа бесот на Брисел, бидејќи беа направени без консултација и плус со европско знаменце, оценките во другите области се исти како минатогодишните, што зборува за стагнација во остварувањето на реформите. Но, она што прави разлика е што надвор од оценките што се формализирани (и прикажани на табелата) Брисел им даде тон и го пушти на најјако во забелешките, додавајќи „сериозна загриженост“ за корупцијата и судството, наспроти техничкото регистрирање на фактите минатата година. Според оценка на странски дипломат во земјата тоа е разбирливо бидејќи лани требаше да се дадат преговори на Македонија, а ова е извештај за земја која веќе почнала да преговара, па рефлекторите се вклучени посилно.

Како и да е, фактот дека неколку месеци пред избори актуелната влада доби лош извештај од ЕУ отвара дилема дали Брисел се престројува пред можна смена на владата, уште повеќе што сите паралели изминатите два дена на овој извештај се правеа со тој во 2016 година – кога ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта. Дали ова е порака до коалицијата на СДСМ и ДУИ дека не испорачале тоа што ЕУ очекувала од нив и дека сега е време да фатат приклучок кон тие што доаѓаат?

Втората дилема е дали зад ваквиот засилен тон стои и чувствителноста на ЕУ кон тендер одлуките на власта, поточно кон договорот со „Бехтел и Енка“ кој отиде во САД, а не кај европска фирма, бидејќи некои вета во историјата беа поврзани или „одврзани“ токму со некаква бизнис зделка. И покрај пораките дека извештаи за земја кандидат за преговори со ЕУ и земја која почнала преговори не се исти, зачудува исто така фактот што за толку краток период по силните фалби од Брисел поврзани со скринингот – стигнаа исто толку силни критики во извештајот.

Без да се спори воопшто дека оценката за судскиот систем и за скандалозните застарувања на случаите заслужуваат критична оценка од Брисел, сепак некои оценки за неостварени реформи што треба да поминат во Собранието, заедно со барањето за уставни промени што немаат поддршка во јавноста и изгледаат невозможни за остварување во моментов, дури и со најпримитивни политички пазарења, отвораат простор Европската комисија да си напише оценка и за себе во извештајот. (С.Ј.)