И денес колони на Кафасан со бензин туристи од Албанија


Голем број граѓани од соседна Албанија и денес масовно  влегуваат во Македонија за да точат гориво и да пазарат храна по пониски цени. Според објавените информации, на влез во земјава денеска се чекало и повеќе од два часа, а снимки од терен покажуваат долги колони возила на албанската страна.

Главната причина за овој бран е ценовната разлика кај горивата. Во Македонија, според важечката одлука на Регулаторната комисија за енергетика од 31 март, дизелот се продава по 95,5 денари за литар, а бензинот Еуросупер БС-95 по 84 денари. Во Албанија, пак, државниот Борд за транспарентност на 26 март утврди највисока малопродажна цена на дизелот од 203 леки за литар (околу 129 денари)  и бензинот од 175 леки (околу 11 денари), што го прави горивото таму поскапо од македонското и по последното поскапување во земјава.

Албанските медиуми уште од крајот на март известуваат за зголемено движење кон Македонија поради горивото, особено од Поградец, Прењас и околните места, а дел од нив објавија и дека токму поради разликата во цените се создавале редици и на други премини кон Македонија. Во истите објави се наведува дека граѓаните, покрај гориво, купуваат и прехранбени производи, па граничниот промет директно се прелева кон трговијата во Охридско-струшкиот регион.

Сликата се поклопува и со поширокиот регионален контекст на нов раст на цените на горивата по војната со Иран. Европски регионални анализи покажуваат дека на 20 март дизелот во Албанија достигнал околу 214 леки за литар, што е едно од повисоките нивоа во регионот, додека албанската влада во меѓувреме најави мерки за намалување на акцизното оптоварување за да го ублажи ударот врз домашниот пазар.

Во македонскиот дел од коридорот, највидлив ефект од ова движење се Струга и Охрид, бидејќи преку Ќафасан први го примаат дневниот прилив на возила и купувачи од Албанија. Според денешните објави, зголемената дневна фреквенција на преминот е директно поврзана со набавка на нафта и храна, а метежот доаѓа во момент кога викендот дополнително го засилува сообраќајот кон езерскиот регион.