И да дојде, новата опрема на М-НАВ нема кај да се смести


Колку и да брзаат Владата и М-НАВ да го набават новиот систем за АТМ, тој и да дојде, нема каде да се смести. Зашто изградбата на новиот објект е – до никаде.

„М-НАВ АД Скопје во моментов не е инвеститор, односно нема започнато со изградба на ниту еден објект-зграда ниту пак има склучено договор со ТАВ Македонија за изградба на зграда“, ни изјавија од М-НАВ.

Целата постапка е уште во сферата на идеи.

„Во овој момент М-НАВ АД Скопје е во постапка на добивање на сите потребни документи за започнување со изградба на оперативно-техничката сала – зграда за АТМ-системот која ќе биде изградена до постојниот објект на контролата на летање и во која ќе биде сместена опремата за новиот систем“, ни одговорија од М-НАВ.

Дополнително, зградата ќе се гради на земјиште што сега под концесија го користи ТАВ.

„Точно е дека М-НАВ АД Скопје и ТАВ имаат склучено Договор за деловно- техничка соработка, но тој не се однесува за градење на зграда, туку за изработка на АУП за создавање на услови за изградба на новопредвидениот објект – оперативно-техничка зграда за АТМ-систем, со оглед на тоа што ТАВ Македонија е концесионер на земјиштето на кое треба да се изгради зградата“, ни изјавија од М-НАВ.

Новата зграда во моментов се наѕира во архитектонско-урбанистичкиот проект.

„Архитектонско-урбанистичкиот проект во кој е предвидена зградата за АТМ-систем е одобрен со Потврда за заверка број 4942/3 од 31.5.2019 година издадена од Министерството за транспорт и врски. Изградбата на оперативно- техничката сала – зграда за АТМ-системот е дел од Договорот склучен меѓу М-НАВ АД Скопје и Леонардо СпА“, одговараат од М-НАВ.

Колку е (за)бавен процесот на доаѓање до нов објект на сместување на новата опрема, покажува и податокот дека уште во септември 2017 година, по доаѓањето на новата Влада,  М-НАВ изготвил Ревидиран акциски план за реализација на проектите финансирани со заем од ЕБОР, а во декември 2017 добил владина препорака да изготви анализа за подготвеноста за отпочнување на реализација на проектот, со цел да се превенира неусогласеноста во роковите за инсталирање на соодветната опрема со роковите за реализација на градежниот дел од проектот. А пак, договорот со ТАВ е склучен во април 2018. За повеќе од една година, целата постапка мрднала само со една потврда од ресорното Министерство (барем така одговорија од М-НАВ). Урбанистичко-проектниот дел што следува воопшто не е кус. Зградата треба да влезе во ДУП, па следуваат идејно решение, па основен проект што оди на одобрение, па дури потоа дозвола за градба. Посложено е и затоа што објектот треба да задоволи стриктни и комплексни услови, за да може во него да се инсталира софистицираната опрема. Колку време (години) ќе треба за изградба на новата зграда, во моментов никој не прогнозира.

Владата во „случајот Рашковски“ објасни дека генералниот секретар бил задолжен со заклучок да се вклучи во набавката на нов систем за контрола на летање, само и само таа набавка побргу да се реализира.

Анита Салтировска

Фото: Б. Грданоски