И поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ сѐ повеќе се вртат кон ЕУ

Иако во голем процент ја поддржуваат ЕУ (62 отсто), само 20 отсто од граѓаните сметаат дека уставни измени се неопходност


Фото: Б. Грданоски

 

Поддршката на граѓаните во Македонија за пристапување кон Европската унија е 62 процента, бројка што покажува дека трендот на опаѓање е запрен, но има колебање во однос на следните чекори што треба да се направат за да напредуваме на тој пат. Така, само 20 отсто од граѓаните сметаат дека уставни измени се неопходниот следен чекор, а дури повеќе, 21 отсто – дека со процесот треба да се запре.

Како парадокс, бројот на евроскептиците, и покрај тоа, е многу мал  и изнесува само 11 отсто. Сепак, ако утре би имало референдум за влегување во Унијата една третина од младата популација нема да излезе и да гласа, бидејќи воздржаноста и неопределеноста е најголема кај оваа група. 

Интересен е и трендот кај политичките партии кон евроинтеграцискиот процес. Кај партиите од албанскиот блок, без исклучок, и кај поддржувачите на СДСМ има високо, речиси консензуално ниво на поддршка кон ЕУ, но новост е дека расте поддршката и кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, иако од таму извира главниот евроскептицизам. Имено, кај ВМРО-ДПМНЕ има значителен пораст на поддржувачи на пристапувањето кон ЕУ во однос на минатата година и тој е поголем за  12 отсто, така што сега 55 отсто од поддржувачите на оваа партија имаат симпатии за оваа идеја. Сепак, сѐ уште голем дел од нивните поддржувачи се – или против ЕУ, или неопределени во однос на членството. Клучна причина за евроскептицизмот, според анкетата, е загриженоста за идентитетските прашања . 

Овие податоци се дел од анкетата што ја спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје, кои 11 години ги следат трендовите и перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.

Наспроти ЕУ, перцепцијата за влијанието на САД во Македонија бележи значителен пад од дури 20 проценти во споредба со лани. Резултатите покажуваат дека ЕУ се гледа како најголем економски партнер, донатор и сојузник на земјава, а расте и перцепцијата на граѓаните дека има значајно влијание како надворешен фактор. Прашани за приоритетите во надворешната политика, граѓаните го ставиле пристапувањето кон ЕУ како прв приоритет којшто би сакале да го видат од Владата.

Пред презентацијата на наодите од истражувањето, Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, соопшти дека кај младите е констатирана „отвореност за позитивни ставови кон Кина“, а кај највозрасните – за Русија.

„Мнозинството граѓани сепак ја поддржува Унијата и таа останува најпосакуван партнер. Она што е интересно е дека највоздржани во однос на поддршка на Европската унија се најмладите и највозрасните испитаници, кај нив гледаме поголема неопределеност, неодлучност и отвореност за позитивни ставови кон Кина, кај младите, и Русија, кај највозрасната генерација. Тоа не е презначаен процент, но, сепак, вреди да се констатира дека постои“, изјави Трошановски.

 Тоа не значи, рече тој, дека постои „свртување кон Кина“, затоа што прашање за Кина првпат било поставено во годинашната анкета и нема, рече, некои споредливи трендови како било претходно и нема длабинска анализа за причините.

Во однос на етничката припадност, албанските сограѓани, како што рече, „се многу повеќе, односно целосно стојат зад поддршка на ЕУ“, додека „кај македонската популација тој број е нешто повеќе од половина“.

Генерално, за причината за бавниот евроинтеграциски процес прстот повеќе се вперува на надворешни фактори отколку на реформите дома, а граѓаните иако ја посакуваат во голем процент Унијата, во голем број не веруваат дека ќе влеземе таму до идната декада  – речиси една третина од анкетираните. 

Во врска со значителниот пад од 20 отсто кај перцепцијата за влијанието на САД тој смета дека е „репозиционирање  на јавноста визави глобалните текови каде што тенденцијата е  САД полека да го напуштаат регионот и се селат на други геополитички фронтови“.

„Наш стратешки приоритет, секако, треба да остане Европската унија, притоа негувајќи најдобри можни односи со САД и тука треба да постигнеме баланс. Но, притоа мора да имаме многу проактивен пристап како држава, барајќи модалитети коишто ќе го отклучат процесот на проширување базиран на пообјективни принципи кои не бараат промена на Преговарачката рамка. Напротив, бараат утврдување на стандарди од страна на Европската унија и за понатамошните преговарачки фази, не само во случајот за Македонија туку и за другите кандидати“, изјави Трошановски.

Даниел Браун, директор на  Канцеларија на Фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје, изјави дека наодите што ги добиваат со анкетите секоја година се менуваат, а сега се во вистинско време, по безбедносната конференција во Минхен кога трансатлантските партнерства „се повторно под знак прашање„.

„Европа треба да си ги знае своите силни страни, но и своите ограничувања. Политиката на проширување нормално дека ќе биде отежната поради околностите што се случуваат. Сепак, одговорноста на ЕУ е да застане на маса, како што тоа го прават САД и Русија во моментот кога се прават преговори за Украина“, додаде Браун.

Оценувајќи го процесот, Тошановски нагласи исто така дека, и да добиеме одложени уставни промени, тоа нема да внесе предвидливост во процесот кон ЕУ. Според него, нам ни требаат гаранции за поголема објективност на преговорите и да се осигураме дека нема да има ирационални барања, а процесот ќе се заснова на европски стандарди, односно ако Преговарачката рамка е европска, такви да бидат и преговорите со ЕУ.

Евроамбасадорот Михалис Рокас сметаше дека, со оглед на геополитичките промени, за ЕУ нема друг пат туку да се обедини и да стане посилна, со оценка дека она што се случи во Минхен викендов не беше неочекувано за Унијата. Тој рече дека во ЕУ има желба да ни помогне во процесот, а ние треба да ги забрзаме реформите. Главната порака на амбасадорите до граѓаните, според него, треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е со опиплива вредност.

„ Од една страна, треба да се помогне со ставање фокус на убрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички, треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа“, подвлече Рокас.

Професорот на Правниот факултет и учесник во истражувањето, Иван Дамјановски, забележа дека додека СДСМ беа на власт поддржувачите на оваа партија гледаа напредок во евроинтеграцијата, а сега гледаат назадување, и обратно, дека тогаш ВМРО-ДПМНЕ гледаа назадување, а сега – гледаат прогрес!

Пратеникот Антонио Милошоски место на поддршката за ЕУ, акцент стави на тоа дека расте процентот на оние што не веруваат дека ЕУ е подготвена да нѐ прими во членство, па му порача на Брисел дека во ова време на брзи промени, ако не направи нешто за земјите во регионот, место да биде актер, ќе следи други агенди и сојузници што побрзо одлучуваат. 

Викторија Трајков, заменик-министер за евроинтеграција, апелираше политичарите да бидат внимателни и да не влијаат на зголемувањето на евроскептицизмот во земјата, додека Моника Зајкова, претседателка наЛДП рече дека ако ЕУ ни е приоритет, не може  да тоа прашање да се делиме на патриоти и на предавници, порачувајќи дека – тоа што е постигнато во процесот треба да се прифати и да се надогради.

„Треба да бидеме креативни дипломати“, оцени таа, забележувајќи дека наративот на политичарите влијае на перцепцијата за Унијата, па повика да престанеме да се занимаваме со истражувања и оценки дали ЕУ нѐ сака или не нѐ сака, туку да се фатиме со работа. Притоа, таа забележа дека 20 години сме земја кандидат за ЕУ и, иако требаше досега 80 отсто од нашето законодавство да биде усогласено со европското, не сме стигнати ни до половина. 

Таа на крајот повика ЕУ да нѐ вклучи во механизмот за заштита од царините што ги наметнаа САД, бидејќи најголем дел од нашиот пазар е со Унијата, сугерирајќи дека ако има финансиска помош за штетата, неа да ја добие и Македонија. Зоран Нечев од Институтот за демократија ,пак, ја повика ЕУ да ги надополни на некој начин и фондовите што секнаа откако САД ја повлекоа, според него, целата развојна помош за земјата.

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер ни прати порака дека, ако не веруваме во можноста позитивно да се влијае на процесот, тогаш тој процес не треба ни да го започнеме. Таа беше сепак позитивно изненадена што граѓаните јасно го кажале своето мислење каде припаѓаат, а тоа е во Европа. Според Дрекслер, стапката на поддршка за влез во ЕУ е навистина висока.

„ Тука нема никакво сомнение. Дури и со намалувањето на довербата што се гледа во последните години, а тој тренд беше запрен, стапката на поддршка е 62 проценти, а тоа е навистина силна поддршка“, додаде таа. (С.Ј.)