И „Цар Борис Трети“ доби забрана – министерот Лога го потпиша решението


 

И врториот клуб на Бугарите во Македонија кој предизвика огромни реакции во јавноста – „Цар Борис Трети“ од Охрид, е веќе незаконски. Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис Трети во називот на  Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети Охрид“. се наведува во соопштението на Министерството за правда.

Комисијата за употреба на имиња на личности оцени дека евентуалното именување  на здружението со таков назив предизвикува тензии и  нетолеранција во целото македонско општество. Во образложението, Комисијата наведува дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот Рајх и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот  Треблинка.

„Министерството за правда постапува согласно одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности. Решението ќе се достави до Централниот регистар за понатамошно постапување“, се вели во соопштението.

По отворањето на овој клуб имаше протести во Охрид, а ситуацијата се вжешти кога беше претепан неговиот секретар Христијан Пендиков, кој потоа беше префрлен на Лечење во Софија и остана таму.