И бугарските пасоши во Македонија – по руски рецепт


 

Како што се шири војната во Украина, така станува јасно колку актуелната бугарска политика сѐ уште се заснова на стари советски стратегии чија цел е создавање терен за владеење и присвојување туѓи територии. Откако се виде дека целиот историски наратив за Македонија како вештачка држава, со вештачки јазик и вештачка нација, е копи пејст на руската пропагандна војна против Украина, сега испаѓа и дека шемата со бугарските пасоши –  е реликт од негаторската политика на бившиот СССР, што Русија и натаму го применува.

Според анализата на ситуацијата во Донбас, направена од Хироаки Куромија, професор по историја на Универзитетот во Индијана (САД), на руската инвазија во овој регион во 2014 година ѝ претходеле две субверзивни дејствија.

„Едното од нив е практиката на нудење руски пасоши на жителите на пограничните региони, вклучувајќи го и Донбас. Оваа форма на субверзија долго време беше широко користена од руската и советската влада како прикриено проширување на територијата. Во случај на неопходност, Русија бараше и сè уште бара заштита на ‘своите граѓани’ за да ја оправда воената интервенција“, пишува во анализата.

Тој процес на алармирање дека има наводно дискриминирање на Бугарите во Македонија веќе зеде замав со барањата тие да станат дел од Уставот и да се признае бројката на носителите на бугарски пасоши, место таа што се покажа во пописот.   

Втора форма на прикриена субверзија, според анализата, е употребата на тајни „агенти на влијание“ во странската земја, што некој може да ги нарече „заспани политички ќелии“. Разно-разните здруженија на репресирани Бугари се тие ќелии кои дејствуваат како на далечинско, кога ќе се јави некоја политичка потреба во Софија.

Според анализата, Русија е исклучително вешта во оваа игра, а Украина е млада и нестабилна земја со непредвидлива иднина, опис што може да се примени и на Македонија.

Претседателот Путин практично ја оправда својата војна со тврдењето дека е загрозена националната безбедност на Русија со амбициите на Украина да стане членка на НАТО, иако во реалноста Украина е позагрозена од од агресивната нуклеарна суперсила на својата граница која има историјат на воени интервенции во бившите советски територии. Исто така и Бугарија тврди дека македонското толкување на историјата и тврдењето дека има македонско малцинство во Бугарија е закана за бугарската држава што мора да се реши пред да влезе во ЕУ.  Практично и да се реши и да не се реши, долгорочно победата ќе биде на Софија бидејќи веќе е инфилтрирана во националното ткиво на Македонија. (Н.В.)