И бугарскиот премиер Јанев го нападна Трифонов
Стефан Јанев го обвини Слави Трифонов дека одбил да комуницира со своите гласачи
Некои имаат разбирање, некои се гневни од постапките на Слави Трифонов во Бугарија. Последниот во редот на оние коишто го нападнаа лидерот на партијата Има таков народ е службениот премиер Стефан Јанев, кој му забележа на Трифонов дека во една демократија не можело да се комуницира на таков начин.
„Во демократијата е недозволиво политичка сила да одбие да комуницира со своите гласачи. Ова е знак не само на ниска политичка култура, туку и на тотално недоразбирање на политиката како процес, однесување и дејствување. Недозволиво е да се одбие и одрекува политичката интеракција, да се игнорираат основните принципи во овој поглед“.
Овие зборови ги кажа Јанев пред почетокот на владината седница испровоциран од предлогот на Слави Трифонов за новата влада во понеделникот. По тој спектакуларен постизборен удар повеќето политички структури изјавија дека нема да го поддржат, па и оние од групата протестни партии.
Во меѓувреме лидерката на партијата Исправи се! Мутри надвор!, Маја Манолова, предложи привремениот кабинет на Стефан Јанев да станел редовен и да добиел поддршка во парламентот. Овој предлог на Манолова денеска го поддржа и Бугарската социјалистичка партија (БСП). Манолова е поранешен член на БСП. Стефан Јанев и целата влада ги предложи претседателот на државата Румен Радев, кој е многу близок со социјалистите, речиси како нивен член. (Н.В.)