Бугарија се пребројува, хакери го урнаа системот


Националниот институт за статистика на Бугарија денес го започнува пописот кој се одвива и електронски и на класичен начин, со одење од врата до врата. Треба  да се пополнат 70 прашања, но од институтот уверуваат дека тоа е брзо и лесно. Од синоќа во 23 часот системот не е функционален поради, како што тврдат институциите во Софија, хакерски напад, но се работи на негово враќање во функција. Пребројувањето ќе трае до 3 октомври.

“Нападите не се само обид да се извлечат податоци. Понекогаш тие се насочени само  кон блокирање на системот за да го направат неспособен да работи нормално”, објаснија од Институтот.

 Ова е 18 -ти национален попис, првиот беше во 1871 година. Пописот е задолжителен со закон, а кој нма да  се вклучи, му се заканува казна од 160 лева. Претседателот на НСИ, Сергеј Цветарски, очекува околу 70% од луѓето да бидат преброени по електронски пат. За втората фаза од пописот, кога 27 илјади попишувачи ќе одат во домовите на луѓето кои не успеале да се пребројат по електронски пат, подготвен е посебен медицински протокол.

Населението на Бугарија се зголемуваше постојано до 1985 година, и покрај двете светски војни. Намалувањето на наталитетот започна во 70 -тите години поради урбанизацијата на земјата и го достигна својот врв кон крајот на 90 -тите години на дваесеттиот век. Надворешната миграција, исто така, почна да влијае врз намалувањето на населението по демократските промени. За 30 години транзиција, населението се намали за 1.570.769 луѓе. Во 2001 година повторно за прв пат Бугарија има под 8 милиони жители.

Во 2011 година Бугарија го спроведе првиот попис како земја -членка на ЕУ, а овој сега е прв електронски попис во земјата. Населението тогаш беше 7.364.570 луѓе, со 42 отсто пребројани преку Интернет. Просечниот број на членови по домаќинство беше едвај 2,4 лица. Најмногу од домаќинствата беа едночлени – скоро секое трето.