И Бугарија го забрани влезот на возила со руски таблички, осма земја по ред

Бројот на земји кои забранија влез на автомобили со руски регистарски таблички на нивна територија продолжува да расте.
Бугарија официјално најави воведување забрана на 3 октомври. „Сигурен сум дека до крајот на денот забраната за влез на руски автомобили во нашата земја ќе почне да се применува на територијата на Бугарија“, рече шефот на граничната полиција на земјата, Антон Златанов.
Тој потсети дека слично ограничување е на сила за товарниот транспорт од Русија веќе неколку месеци. Во исто време, Златанов не можеше да појасни колку руски автомобили влегуваат во Бугарија месечно, но истакна дека ги нема многу.
Ден претходно, пратеникот од ДПС, Дељан Пеевски, ги повика властите во земјата да воведат забрана за влез на руски автомобили, бидејќи спроведувањето на сите одлуки на ЕУ за безбедноста на границите е клучно за влезот на Бугарија во Шенген зоната.
Пред ова, влезот на автомобили со руски регистарски таблички го затворија пет земји од ЕУ со кои Русија има копнена граница: Естонија, Латвија, Литванија, Финска и Полска, како и Норвешка која не е членка на ЕУ, но е дел на Шенген договор, и Германија. Тоа го направија врз основа на појаснувања од Европската комисија во врска со санкциите.
Брисел го изедначи влезот во ЕУ со автомобилите регистрирани во Руската Федерација со „нелегален увоз“, без разлика дали возилото се користи за приватни или комерцијални цели.
Исто така, поради сегашните санкции во Германија почнаа да се одземаат и автомобили со руски регистарски таблички. Уште еден случај на конфискација се случи во Чешка, пишува „Известија“ во врска со одговорот на германската влада на барањето на пратеникот во Бундестагот, Еуген Шмит.
Германското Министерство за финансии нагласи дека Франција и Хрватска ја толкуваат забраната за влез на руски автомобили на ист начин како и Германија. Сепак, француската амбасада во Руската Федерација извести дека Париз работи во согласност со претходните правила, кои не подразбираат забрана и конфискација. Сепак, „прашањето сè уште се проучува“ од француските власти, заклучи дипломатската мисија.
Европската комисија забележа дека појаснувањата во врска со санкциите не се правно обврзувачки и секоја земја на ЕУ има право да носи свои одлуки за тоа како да ги спроведе ограничувањата.