И без еврообврзница Македонија обезбеди околу 450 милиони евра поддршка


Македонија уште сега може да смета на финансиска поддршка од странство од околу 400-450 милиони евра и без издадена еврообврзница. Од тоа, 176 милиони евра се веќе одобрени од Меѓународниот монетарен фонд, а се очекува и Светската банка да одобри околу 100 до 140 милиони евра. Дополнително, Македонија смета и на сличен износ од Европската унија. Парите од ММФ се очекуваат во средината на април, рече денес на прес конференција Министерката за финансии Нина Ангеловска.

„Од ММФ ни беа одобрени 176 милиони евра со инструментот за брзо финансирање што е двојно повеќе од првично очекуваните 87 милиони евра. Во преговори сме со Светската банка за поддршка на мерката за помош на компаниите, но и за дополнителна буџетска поддршка, во вкупен износ од 100 до 140 милиони евра. Зборуваме и за новиот инструмент од Европската унија кој беше објавен за прв пат минатата недела и за што имавме разговори со Европската комисија. Тоа е таканаречениот инструмент за макрофинансиска стабилност и тука износот исто така би бил од 100 до 150 милиони евра. Овој инструмент е достапен за земјите кои не се членки на Европската унија, а кои го искористиле инструментот од ММФ, значи и за нас“, рече Ангеловска одговарајќи на новинарско прашање, додавајќи дека ако се земат во предвид сите овие инструменти, веќе зборуваме за значителен износ на обезбедени средства.

Ако се соберат сите овие износи, во најлош слуичај станува збор за 376 милиони евра, а во најдобар за 466 милиони евра.

Покрај ова, како што дополни таа, во Министерството за финансии започнува и процесот за издавање на еврообврзница. Таа не прецизираше дали евроообврзницата ќе биде во износ од 800 милиони евра како што објавија деновиве некои медиуми без да го цитираат изворот. Ангеловска рече дека се прават анализи кога е најповолно да се издаде еврообврзницата и на кој износ.

„Секако очекуваме да се зголеми дефицитот поради падот на приходната страна во Буџетот и ако го имаме сево ова во предвид зборуваме за средства кои ќе бидат насочени и во здравствениот сектор и во мерки за поддршка на економијата“, рече министерката.

Ангеловска исто така рече дека во Министерството во тек се анализи колкуу ќе изнесува падот на БДП оваа година. Некои меѓународни финансиски институции веќе излегоа со свои прогнози. Така, ММФ предвидува пад на БДП од 4 отсто. Ист така и домашната тинк-тенк „Фајнанс тинк“ прогноззира сличен пад на БДП од 3,8 отсто и тн.

Ангеловска рече дека вообичаено прогнозата за растот на БДП се објавува со фискалната стратегија во мај, но поради актуелната сотојба тоа ќе биде направено наскоро.

„Но, очекувам дека и нашата процена ќе биде во рамки на веќе објавените прогнози на финансиските институции“, рече Ангеловска. (М.Ј.)