И Бeса го условува влезот на Бугарите во Уставот

Ќе ги поддржиме уставните измени со кои Бугарите и други народи би се вметнале во Преамбулата од Уставот, но условот е терминот „20 проценти“ во Законот за употреба на јазиците да се замени со „албански јазик“, изјави денеска Арафат Шабани од Беса.
Вчера истот услов го постави и Арбен Таравари, в.д. претседател на Алијанса за Албанците.
„Тоа е еден од условите што кога ќе се отворат уставните промени ние ќе излеземе со конкретни барања. Главното барање ќе биде ова“, рече Шабани.
Тој рече дека очекува многу порационален пристап од македонска страна во однос на ова прашање со оглед дека свеста е зголемена и Македонците најдобро го разбираат овој проблем.
„Мислам дека статусот на македонскиот јазик треба да се реши еднаш засекогаш, не само во Македонија, туку и надвор од Македонија. Исто и статусот на албанскиот јазик, бидејќи е многу понижувачки албанскиот јазик да се идентификува како ’20 проценти‘. Мислам дека тука има услови од сите членови на политичкиот фактор да се реши и од тоа да не се очекуваат политички поени“, рече Шабани.
Според член 7 од Уставот на Македонија „во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и на начин утврдени со закон.
Во член 1 од Законот за употреба на јазиците пишува: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“.