И Азербејџан прогласи воена состојба, Ерменија сака да го признае Нагорно-Карабах, мртви на двете страни


Парламентот на Азербејџан денеска усвои декрет за воведување воена состојба во поголем број градови и региони во земјата, јави Тасс, дополнувајќи дека ваквиот чекор се должи на влошувањето на ситуацијата во Нагорно Карабах.

Одлуката на азербејџанскиот Парламент мора да биде одобрена од претседателот Илхам Алиев во рок од 48 часа.

Претходно и Ерменија со презеде ваквиот чекор, која Владата воведе воена состојба и најави општа мобилизација.

Ескалацијата на конфликтот меѓу двете земји се случи утринава, во која двете страни меѓусебно се обвинуваат за почеток на судорот.

Во 1991 година, Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци, прогласи независност од Азербејџан. Баку се обиде насилно да го поврати регионот и почна војната. Во 1994 година, Азербејџан, Ерменија и непризнатата Република Нагорно-Карабах, со посредство на Русија, потпишаа протокол за прекин на огнот. Воените операции периодично се обновуваат. Во јули оваа година избувнаа судири на ерменско-азербејџанската граница, околу 300 километри од Карабах. Бројот на жртвите од двете страни тогаш изнесуваше 18 загинати.

Поради новонастанатата ситуација Ереван размислува да ја признае независноста на Нагорно-Карабах, изјави денеска ерменскиот премиер Никол Пашинијан на вонредната седница на ерменскиот Парламент.

-Разговараме за сите можности, за сите сценарија за развој на настаните, рече ерменскиот премиерот.

Тој, исто така, истакна дека „ситуацијата во Нагорно Карабах во моментов е во процес на развој“.

-Нашата војска не информира дека ситуацијата е напната, но рано е да се зборува за големата слика, додаде Пашинијан.

Азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, попладнево соопшти дека  има мртви и ранети меѓу цивилното население и меѓу војниците, откако ерменските сили отворија оган долж линијата на раздвојување.

-Пукано беше од различни орудија, вклучително и оние со голем калибар, рече Алиев, наведувајќи дека „ова е уште една воена провокација на Ерменија“ .Тој посочи дека Азербејџан нема да молчи за постапките на Ерменија.

Лидерот на Нагорно-Карабах, Араик Артјунијан, соопшти дека е почната мобилизацијата на сите граѓани над 18 години и дека е прогласена воена состојба во земјата. Тој додаде дека од утринава во судирите со азербејџанските војници се убиени 16 војници и има над 100 ранети.

Утринава повторно дојде до судир меѓу ерменските и азербејџанските сили околу Нагорно Карабах, област со мнозинство Ерменци, која прогласи отцепување од Азербејџан во 90-тите години на минатиот век.