Хуманитарни работилници на велешките ученици за Прочка

Во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес учениците од угостителско-туристичката струка одржаа работилница за празникот Прочка, на која заедно со жени пензионерки од Здружението на пензионери подготвија повеќе видови на кори, пити со урда, спанаќ, јајца и задолжителната баклава. Во активностите им се придружија и ученици од основните училишта во градот.
– Во исто време во друга сала на училиштето се одржа и ликовна работилница на која и средношколците од оваа училиште заедно со гостите – основци од велешките училишта заедно цртаа постери – плакати со тематика на маски од празникот Прочка. Потоа нацртаните плакати и подготвените пити и баклави на штанд ги изложија на платото пред Театарот. Собраните средства од продажбата на подготвените пити и баклавите, како и во изминатите години ќе бидат хуманитарно наменети за помош на ранливи семејства чии ученици учат во оваа средно државно училиште кое е Регионален центар за Повардарието, информира за МИА Горан Богоевски, директор на училиштето.
-Воедно овие сукани работи ги направивме и поради утрешниот празник „Умрело дете за кора“, но бидејќи празникот е утре, а Прочка во недела сите сукани и тегнети пити како и баклавата ги направивме денес и потоа ги продававме на штанд пред театарот, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарните цели, информира Богоевски.
Тој додава дека целта на овие работилници кои се одржуваат веќе пет-шест години и се веќе традиционални е меѓусебно дружење на средношколците и основците-деветтооделенци кои се запознаваат и со тоа што нуди за понатамошно школување оваа средно училиште. Од возрасните жени – пензионерки да научат и како се сука и тегне кора и како се подготвува баклава, а со тоа и да се продолжат традициите за одбележување на овој празник.
Пале Јовановска, професор по ликовна култура од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ за МИА информира дека оваа ликовна работилница е традиционална, а по повод празникот Прочка и има за цел преку ликовната уметност младите да се запознаваат со вековните традиции на подготвување на маски за Прочка.
-Вообичаено во изминатите години правевме маски за Прочка, а кои се традиционални за Велес кога децата и младите на овој ден се преправаат со маски и одат по куќите, но годинава одлучивме со комбинирана техника да ги претставиме маските за Прочка преку цртеж, слика и колажирана техника. Потоа нацртаните дела ќе ги изложиме пред театарот да ги видат сите граѓани, информира Јовановска.
Средношколецот Љупче Неделковски од оваа училиште за МИА информира дека направил цртеж во комбинирана техника со колаж, а ја нацртал страшната маска „Копо“ која е во склоп на Струмичкиот карневал. Појаснува дека оваа работилница е можност за меѓусебно запознавање и дружење на велешките основци и средношколци и црпење на искуства и идеи.
Линда Костовска, средношколка од оваа училиште на смерот ЕКТА, заедно со својата другарка направија голем постер со три маски за Прочка. Изјави за МИА дека многу сака да црта и слика и оцени дека одлично е организирана оваа работилница, на која и средношколци и основци се запознаваат и дружат и ја продолжуваат македонската традиција за правење на маски за Прочка. Таа во изминатите години на ваквите работилници во основното училиште направиле и маски за Прочка.