Хуманитарна катастрофа во бегалски камп во БиХ


По пожарот што ја уништи целата инфраструктура во кампот „Липа“, мигрантите што прексиноќа го напуштија кампот се обидоа да го блокираат автопатот М-5, пренесуваат локалните медиуми.

– Нашите членови излегоа само за да го деблокираат главниот пат. Невозможно е да се задржат мигрантите од кампот „Липа“ на таа територија, каде што армијата тешко можеше да држи сè под контрола, па затоа во мали групи или индивидуално тие се спуштаат кон градот со заобиколувања – изјави Але Сијдедиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на унско-санскиот кантон.

Жителите на Бихаќ се собраа пред мигрантскиот центар „Бира“ и протестираа со јасни пораки дека не сакаат мигрантите да шетаат во центарот на градот. Граѓаните спречија влез на три транспортни возила на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на просторот на затворениот центар. Тие најавува и поставување стража за да го спречат враќањето на мигрантите.

Влезот во центарот „Бира“ е блокиран 80 дена и тој беше еден од проблемите со кои се соочуваат граѓаните, поради присуството на мигрантите, изјави Аднан Хабабија, поранешен советник во Град Бихаќ.

Иднината на 1.350 мигранти во кампот „Липа“ и на другите што се надвор од кампот е неизвесна во зимскиот период и тие најверојатно ќе побараат подобро сместување во околните населби, пишува „Кликс.ба“.