„Хуавеи“ ги затвора продавниците во Русија. Нема што да продава


 

Затворени се руските продавници специјализирани за продажба на производи од кинеската компанија „Хуавеи“. Според извор на агенцијата РИА Новости, од 19 официјални продавници кои работеле во Русија пред почетокот на војната, веќе се затворени четири продажни места лоцирани во Москва, Новокузнецк, Уфа и Ростов на Дон.

Според соговорникот на агенцијата, главната причина за затворањето е недостигот на производи во магацините, како и намалувањето на побарувачката за паметни телефони. Во наредните месеци, според извори на РИА Новости, продавниците на „Хуавеи“ ќе продолжат да се затвораат.

Извор близок до „Хуавеи“ го потврдил затворањето на малопродажните места, но посочил дека кинеската компанија нема свои продавници во Русија, а нејзините производи ги продаваат руски партнери. Причина за затворањето на продажните места, како што рече, е недостигот на стока, поради што е неисплатливо одржувањето на продавниците.

„Волстрит џорнал“ на почетокот на мај напиша дека кинеските технолошки компании, под притисок на санкциите и добавувачите, го намалуваат своето присуство на рускиот пазар без тоа јавно да го објават. Извозот на кинески технолошки производи во Русија по почетокот на војната и санкциите што ѝ беа наметнати на Русија поради инвазијата на Украина, значително е намален. Според весникот, во март, во споредба со февруари, испораките на лаптопи од кинеските производители паднале за повеќе од 40%, а паметните телефони за речиси две третини.

Во првиот квартал од 2020 година, производите на „Хуавеи“сочинуваа 40% од сите паметни телефони увезени во Русија. Сепак, една година подоцна, кинеската компанија го загуби теренот, во тоа време таа учествуваше со нешто повеќе од 3% од увозот на паметни телефони.