Хуан Карлос во егзил поради финансиски скандал


Шпанија– Поранешниот шпански крал Хуан Карлос Први изјави дека ја напушта Шпанија и дека ќе живее во друга земја поради финансискиот скандал во кој се најде.

На сајтот на шпанското кралско семејство денеска е објавено писмо од Хуан Карлос до неговиот син, кралот Фелипе Шести, во кое го известува за „промислена одлука да си оди во Шпанија во текот на овој период“.

Откако Врховниот суд на Шпанија отвори истрага, шпанските медиуми откриваат сведочења за посебни истраги во Швајцарија, за милиони евра кои на Хуан Карлос наводно му ги дал покојниот крал на Саудиска Арабија Абдула.

Хуан Карлос потоа наводно префрлил поголем дел од тие пари на некогашниот пријател, што истражителите го сметаат за можен обид да ги скрие парите од власта.

Финансискиот скандал, кој вклучува истраги во Шпанија и Швајцарија, шпанскиот премиер Педро Санчез неодамна ги оцени како „вознемирувачки“.

Tој абдицираше во полза на синот во 2014 година, после скандалот кој ги одбележа последните години од неговото владеење. Со тоа го изгуби имунитетот кој Уставот му го гарантира како шеф на држава.

После медиумските сознанија дека кралот Фелипе бил означен како корисник на офшор сметка на која имало 65 милиони евра од подарокот кој неговиот татко го добил од Саудиска Арабија, тој се одрече од  било какво наследство кое би можел да го добие од поранешниот крал.

Поранешниот 82-годишен крал се смета за заслужен за помошта за Шпанија да ја обнови демократија по смртта на повеќедеценискиот фашистички диктатор Франциско Франко во 1975 година.