Хрватските угостители бараат помало ДДВ, по примерот на некои земји од ЕУ


Владата во Загреб се соочува со барања од угостителите и фризерите за намалување на ДДВ-то, угостителите бараат намалување на стапката од 13 на 10 отсто, или дополнително намалување и одложување на наплатата до почетокот на март следната година, а фризерите сакаат да се намали стандардната даночна стапка од 25 отсто на 13 проценти.

И едните и другите се повикуваат на практиката на европските земји со што им помагаат на своите угостители и фризери.

Таа практика вели дека фризерските салони во пет од 27-те земји-членки на Европската унија плаќаат намалена стапка на ДДВ. Во 22 земји на ЕУ, вклучително и Хрватска, фризерите плаќаат стандардна стапка на ДДВ, со тоа што 93 проценти од салоните во Хрватска не се во системот на ДДВ, што значи дека тие воопшто не наплатуваат ДДВ за нивните услуги. Жителите на Кипар, Ирска, Луксембург, Холандија и Словенија плаќаат намалена стапка за фризерски услуги. Во Словенија, стандардната стапка е 22 проценти, а за фризерски услуги се пресметува стапка од 9,5 проценти, пишува Нови лист.

На Кипар, стандардната стапка е 19 проценти, а таму граѓаните плаќаат најнизок ДДВ во ЕУ за фризерски услуги, само пет проценти. Луксембург има стандардна стапка од 17 проценти, а за фризерските услуги е осум проценти, додека во Холандија, која има стандардна стапка од 21 отсто, таа е намалена на девет проценти за фризерските услуги. Во Ирска, фризерските услуги подлежат на намалена стапка од 13,5 проценти.

Од 1 јули и Германците добија понизок ДДВ, но не затоа што државата специјално одлучи да ги издвои фризерски салони, туку затоа што реши да ја намали стандардната стапка на ДДВ од 19 на 16 проценти за време на корона кризата. Значи, ДДВ се намали за сите стоки и услуги. Германците дополнително ја намалија посебната стапка од седум на пет проценти, а двете мерки ќе се применуваат до крајот на годинава. Но, дополнително намалената посебна стапка за угостителството, кафулињата и рестораните ќе важи до јули 2021 година.

Хрватските угостители бараат слична мерка, но тие не споменуваат колку би траела намалената стапка од десет проценти во угостителската индустрија, што не е за изненадување со оглед на тоа што со години бараа намалување на ДДВ на 10 проценти, односно и пред кризата со корона вирусот, но затоа не треба да плаќаат ДДВ до 1 март следната година. Иако можеби биле најдарежливи со намалувањето на товарот на граѓаните кога станува збор за ДДВ, Германците сè уште не донеле одлука овој данок да не се наплатува во одделни дејности.

Некои други европски земји вметнаа промени во системот на ДДВ поради корона кризата и тие имаат ограничена примена, најмногу до крајот на годината, па така во Ирска општата стапка е намалена од 23 на 21 процент од 1 септември годинава до 28 февруари следната година. Ирците не менуваа други стапки,, ниту пак ставаа одредени активности во поповолни оддели, така што, на пример, баровите и кафулињата ќе продолжат да плаќаат ДДВ со стапка од 13,5 проценти.

Во Австрија, Владата исто така донесе одлука за намалување на ДДВ за одредени стоки и услуги, така што до крајот на годината Австријците ќе плаќаат за безалкохолни пијалоци ДДВ со стапка од десет проценти, наместо стандардната стапка од 20 проценти. Во истиот период, ќе се намали ДДВ-то за угостителство, културата и одредени печатени материјали, со што ќе се плаќа ДДВ со стапка од пет проценти, наместо десет проценти.

Белгијците исто така одлучија го намалат ДДВ-то за одредени производи до крајот на годината, така што во земја каде што стандардната стапка е 21 отсто, населението наместо за посебната стапка од 12 проценти ќе плаќа стапка од шест проценти за угостителството, рестораните и издаваштвото кое не беше опфатено со таа пониска стапка на ДДВ.

Бугарија, која досега имаше многу малку исклучоци во наплатата на стандардната стапка на ДДВ од 20 проценти и каде се плаќаше намалена стапка од девет проценти само за сместување во хотел, одлучи од почетокот на јули оваа година до крајот на следната година да ја примени оваа намалена стапка за книги, ресторани, од што се исклучени алкохолни пијалоци, храна за бебиња и пелени.

Кризата исто така го принуди Кипар дополнително да ја намали стапката од девет проценти што ја плаќаа хотелите, рестораните, кафулињата и јавниот превоз на пет проценти, а мерката, доколку не биде продолжена, ќе важи до 10 јануари следната година.

Чесите одлучија да им помогнат на оние кои нудат услуги за сместување, и да организираат спортски и културни настани, така што до крајот на годината ќе плаќаат ДДВ со стапка од 10 проценти, наместо претходните 15 проценти.

Во Грција, корона кризата го намали ДДВ-то од стандардните 24 на 13 проценти за јавниот превоз, такси услуги и траектите до крајот на октомври, додека за кафето, безалкохолните пијалоци, кината и туристичките услуги тоа ќе важи до крајот на април следната година.

Литванија исто така ја намали стандардната стапка од 21 отсто на девет проценти за угостителството, кафулињата и рестораните до крајот на годината.

Другите членки на ЕУ не направија никакви промени под влијание на корона кризата, но исто така е точно дека голем број од оние за кои туризмот е важна активност, како во Хрватска, имаат пониски стапки за сместување во хотели и за угостителството. Во некои земји, како во Данска, која има стандардна стапка од 25 проценти, како и Хрватска, одлучија да им дозволат на компаниите само одредено одложување во наплатата на ДДВ.