Хрватскиот Сабор ќе се распушти на 14 март


Андреј Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на денешната владина седница официјално го објави датумот кога ќе биде распуштен хрватскиот Сабор, јавија хрватските медиуми.

„Утринава на состанокот на коалицијата беше договорено Саборот да се распушти во четврток на 14 март. Пред распуштањето на Саборот ќе се донесе нов пакет мерки за цените на струјата и природниот гас. На сите ќе им обезбедиме мирно лето и време за формирање на ново мнозинство и влада“, рече Пленковиќ.

Претходно Пленковиќ најави дека Саборот ќе се распушти најдоцна на 22 март и дека парламентарните избори ќе се одржат пред изборите за Европскиот парламент. Одлука за закажување избори донесува претседателот на Републиката, а од денот на влегувањето во сила на одлуката до денот на изборите мора да поминат најмалку 30, а не повеќе од 60 дена. Најрано изборите во недела може да се одржат на 14 април. Изборите може да се одржат и на 21 април, 28 април, 5 мај и 12 мај, забележуваат хрватските медиуми. Кога точно ќе се одржат, одлучува претседателот на републиката Зоран Милановиќ, кој го свикува Саборот на првата седница.