Хрватскиот премиер Пленковиќ на разговори со Зеленски во Киев

Хрватска го врати амбасадорот во Киев. Украина ѝ е благодарна на Хрватска за помошта


Зеленски и Пленковиќ одржаа и прес-конференција

 

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, е во посета на Киев, каде се сретна со претседателот Володимир Зеленски и со премиерот на Украина и со парламентот. Украинскиот државен врв го информирал Пленковиќ за последиците од руското уништување, разговарале за натамошна помош и продолжување на европскиот пат на Украина, пишува ХРТ.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција рече дека ова е исклучително важна посета што ја покажува поддршката на Хрватска за Украина. Тие разговараа за повеќе прашања важни за Украина. Тој ѝ се заблагодари на Хрватска за поддршката, велејќи дека ова е тешко време за Украина.

„Хрватска е членка на антивоената коалиција и сите се обидуваме да ги браниме правата на самоопределување, слободно и независно живеење, за цела Европа и враќање на правната држава. Хрватска знае што значи да се бориш за слобода, помина низ таа војна и затоа зборуваме ист јазик, делиме исти вредности. Нашите разговори беа плодни и разговаравме за чекорите што треба да се преземат во одбранбениот и енергетскиот сектор против Русија“, рече украинскиот претседател.

„Ќе треба да вложиме голем напор за да можеме да му вратиме нормален живот на секој граѓанин. Хрватска изрази поддршка за Украина на нејзиниот пат кон ЕУ, потпиша декларација за поддршка на неа, ние ќе продолжиме со овие напори во јуни, тоа е исклучително важно за нас. Разговаравме за сѐ што е потребно за да се запре војната, особено за она што се случува во областа Донбас,“ рече Зеленски.

Пленковиќ се заблагодари за поканата и можноста да разговара во Киев. Тој ја изрази силната поддршка на Хрватска за Украина. Тој го пофали отпорот на украинскиот народ.

Се восхитуваме на храброста на украинските војници, рече тој.

„Хрватска дава помош во секоја смисла и во сите области и планираме да продолжиме да го правиме тоа, како земја која секогаш сака да биде на страната на правдата. На ниво на ЕУ, Хрватска ги поддржа пакетите со помош и санкции и затоа мојата денешна посета е симболична. Го поддржуваме патот на Украина кон ЕУ. Сакам да испратам јасна порака: Уште пред да станам премиер на Хрватска, учествував во напорите на украинскиот народ Украина да стане членка на ЕУ“, изјави премиерот Андреј Пленковиќ.

„Нашиот амбасадор се врати во Киев и испраќаме силен сигнал за поддршка. Нашата амбасада ќе продолжи да работи нормално. Разговаравме за воените зони во Украина и знаеме колку е тешка ситуацијата“, хрватскиот премиер, пишува ХРТ.