Хрватски суд одобри екстрадиција на Украинец осомничен за саботажата на „Северен тек“


Жупанискиот суд во Пула одобри екстрадиција на украинскиот државјанин Володимир Журавлов во Германија, која го сомничи за учество во саботажата на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.

Одлуката за екстрадиција е донесена на 18 септември, а судот писмено ги известил странките пет дена подоцна. Во решението се наведува дека, откако одлуката ќе стане правосилна, Министерството за внатрешни работи на Хрватска ќе му го предаде Журавлов на надлежните германски органи.

Неговиот украински адвокат Микола Катеринчук најави жалба, оценувајќи ја судската одлука како пристрасна и политички мотивирана.

Германското сојузно државно обвинителство на 19 август потврди дека Журавлов бил уапсен во Хрватска, откако претходно во два наврати успеал да избегне апсење и екстрадиција во Германија. Според медиумските информации, тој бил приведен за време на снимањето на холивудски филм за саботажата, со работен наслов „Змиски остров“ (Snake Island).

Откако на почетокот на август дел од сцените биле снимени во Загреб, филмската екипа се преселила на хрватскиот брег, поточно во Пула, за снимање подводни и нуркачки сцени. Токму на таа локација полицијата го лоцирала и го уапсила осомничениот украински нуркач.

Дејството на филмот „Змиски остров“ е директно инспирирано од експлозиите на дното на Балтичкото Море, во кои беа уништени гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“. Приказната го следи дејствувањето на таен тим украински нуркачи кои тргнуваат во исклучително опасна подводна мисија среде ескалацијата на конфликтот меѓу Русија и Украина.

Журавлов е вториот осомничен во овој случај. Во германски притвор веќе се наоѓа украинскиот државјанин Сергиј Кузњецов, кој беше уапсен минатото лето додека беше на одмор во Италија. Кон крајот на јуни годинава, германското сојузно обвинителство поднесе официјално обвинение против Кузњецов, во кое се наведува дека тој и останатите членови на групата дејствувале како припадници на украинската армија.