Хрватски научник: Најтешко ќе биде од декември до март, со вакцина ситуацијата под контрола дури на крајот на 2021


Светските експерти предвидуваат дека најтешкото време на оваа пандемија ќе биде од декември 2020 година до март 2021 година и дека со претпоставка дека ќе пристигне вакцината на почетокот на 2021 година, ситуацијата би можела да биде под контрола дури на крајот на 2021 година, вели еминентниот хрватски научник Иван Ѓикиќ од Универзитетот Гете во Франкфурт, кој му напиша отворено писмо на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ во врска со моменталната состојба со новиот корона вирус, порачувајќи дека е потребно да се подготват соодветни, долгорочни и сеопфатни мерки во борбата против КОВИД-19 во Хрватска.

Иако писмото е критички осврт за состојбите со корона вирусот во Хрватска, сепак, има и многу информации кои се од пошироко значење.

Угледниот научник вели дека состојбата во Хрватска е крајно сериозна, а податоците што се јавно достапни (број на заразени, хоспитализирани, сериозно болни, на респиратор и за жал 794 смртни случаи) се аларм за експертите кои јавно ги кажаа своите предупредувања.

Тој се залага за одлучен одговор за моменталната состојба кој се состои од презентирање точни податоци за ширењето на инфекцијата и објавување на стратегијата на Владата во борбата против КОВИД-19, која треба да содржи прецизен план на прецизно дефинирани мерки (во групите А, Б, Ц) за здравјето и економијата. Ваквите мерки ќе бидат предвидливи и ќе стапат на сила со оглед на неделниот просек на заразени (на пример, поголеми од 2.000 или 3.000 или 5.000 заразени) или починати (на пример, поголеми од 30 или 50 или 100), вели тој.

„Знаеме дека во борбата против КОВИД-19, одложената реакција може да доведе до зголемени загуби на човечки животи, економски загуби и слабеење на довербата на граѓаните во системот. Според тоа, многу земји на ЕУ веќе изготвија и презентираа слични планови, а овие мерки се спроведуваат денес и работат на намалување на пандемијата според голем број индикатори“, вели Ѓикиќ, коментирајќи дека за жал, хрватската влада сè уште не презентирала толку јасен план и стратегија пред своите граѓани.

Тој укажува дека неточните и спротивставените информации за самиот вирус и за мерките не придонесува за успех во борбата против виросот како и дека задача на владата е да ги коригира ваквите неточни податоци и лажни вести дури и кога тие бараат непопуларни одлуки и потези.

„Танцувањето на политиката со вирусот“, како што нагласува, може да се сврти против истата таа политика, и во иднина да доведе до огромни човечки и економски загуби, и на тој начин да предизвика социјални немири и несакани сцени што дефинитивно треба да ги избегнуваме, додавајќи дека точните научни податоци и адекватно строгите мерки за кои се залагаат повеќето членови на Научниот совет на владата се правилниот пат за решавање на оваа криза.

„Сигурен сум дека детално следите примери од странство, но тука посочувам еден особено поучен: процените на експерти во САД во март, дека до крајот на годината ќе има 200.000 смртни случаи, нивните политичари ги примија со омаловажување. Се изгуби времето во кое американскиот претседател одби да соработува со научните кругови, ги игнорираше нивните апели и се потпираше на некои ‘сопствени’ податоци. Последователно, задоцнетото воведување на мерките резултираа со страшни последици: бројот на смртни случаи во Америка е најголем во светот, денес околу 240.000, а ние сме само на почетокот на ноември! Неодговорно, трагично и непотребно, ова би можело да се спречи ако имало повеќе слушање на апелите на научниците со кредибилитет, наместо да ‘танцуваат со научни опортунисти’ чиј фокус не беше на точноста на податоците и професионалните критериуми, туку на конформистичката политика. За среќа, ситуацијата во САД сега се менува, што е поткрепено со позитивните и оптимистички изјави на новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој им дава приоритет на науката и експертите, потенцирајќи го единството и потребата од обединување на силите во борбата против оваа сериозна пандемија“, вели Ѓикиќ.

Тој на крајот на писмото ја цитира изјавата на претседателот на Хрватската лекарска комора, д-р Крешимир Луетиќ: „Треба да се воведат построги мерки токму сега, со цел да се избегне целосна блокада (локдаун) и полициски час. Бидејќи, ако не бидат воведени построги мерки веднаш, многу е веројатно дека ќе има значително преоптоварување на здравствениот систем, што ја прави целосната блокада неизбежна“.