Хрватската влада ја укина уредбата за ограничување на цените на нафтените деривати
Хрватската влада ја укина Уредбата за највисоки малопродажни цени на нафтените деривати што ја донесе на 14 октомври за ограничување на цените на бензините и дизелот во малопродажбата, за да спречи удар врз животниот стандард на граѓаните.
Уредбата за укинување на наведената уредба влегува во сила во вторник на 7 декември.
Премиерот Андреј Пленковиќ го коментираше воведувањето на уредбата пред месец и половина, велејќи дека Владата навреме реагирала кога поскапеле и бензините и дизелот и дека навремената реакција спречила удар врз стандардот на граѓаните и бизнисмените.
„Мислам дека направивме одличен потег со оваа навремена регулатива. Некои земји го следеа нашиот пример. Сега, со оглед на принципите на слобода на пазарот и во променети околности, ја укинуваме оваа регулатива и важно е граѓаните да разберат дека ја имаме оваа алатка и механизам“, рече Пленковиќ.
Министерот за економија и одржлив развој Томислав Ќориќ потсети дека Владата пред речиси два месеци ја донесе Уредбата за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати, со која беа утврдени највисоките малопродажни цени на нафтените деривати.
„Со оглед на падот на цените на нафтата и нафтените деривати на светскиот пазар, што би влијаело на цените од утре, неопходно е да се донесе уредба за укинување на оваа регулатива за трговците да можат повторно слободно да ја регулираат цената на нафтени деривати“, рече Ќориќ.
Тој нагласи дека во изминатите два месеци, со донесувањето на Уредбата, се стабилизирале условите на домашниот пазар, но и очекувањата на крајните потрошувачи и на пошироката јавност, пренесува регионалниот портал СЕЕбиз.
Инаку, цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за речиси 4 отсто, на 69,88 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 2,8 отсто на 66,26 долари. Ова е шеста недела по ред како цените паѓаат, што не е забележано од ноември 2018 година. Откако кон крајот на октомври достигна највисоки нивоа во последните три години, цената на нафтата се лизна за околу 18 отсто.
Хрватската владата на 14 октомври донесе уредба според која трговците со нафтени деривати во следните 30 дена можат да ги продаваат Еуросупер БС 95, Еуросупер БС 98 и Еуросупер БС 100 по цена од 11,10 куни за литар, додека за еуродизел БС постави максимална цена од 11 куни за литар. Владата на 11 ноември ја продолжи важноста на таа регулатива за уште 30 дена, но само за нафтените деривати без дополнителни мултифункционални адитиви.
Од 2014 година, Хрватска е во ситуација кога пазарот целосно ги одредува цените на горивата. Но, во октомври Владата за прв пат прибегна кон член 9, став 2 од Законот за нафтени деривати, односно донесување уредба за ограничување на цените, поради наглиот скок на цената на нафтата на меѓународните пазари поради закрепнување на побарувачката. по пандемијата.
Во споменатиот член се вели дека Владата по исклучок може да пропише највисоко ниво на малопродажни цени на нафтените деривати за непрекинат период до 90 дена заради заштита на потрошувачите и други оправдани причини.