Хрватската СДП ќе помага во изработката на новата програма на СДСМ


 

Делегација од највисоко ниво на СДСМ, првиот и вториот човек, Венко Филипче и Фани Каранфилова-Пановска, беше во Загреб, Хрватска, на средби со раководството на Социјалдемократската партија на Хрватска, со претседателот Синиша Хајдаш Дончиќ, со потпретседателот Ранко Остојиќ и со меѓународниот секретар, Каролина Леаковиќ.

На средбите се разговарало на поддршката на СДП и соработката во градењето на новата програма на СДСМ,бидејќи тоа се две сестрински партии.

„Разменивме искуства во делот на партиските активности. И тука во Хрватска следат локални избори, а доаѓаат по победата на претседателот Зоран Милановиќ. Ја користам приликата уште еднаш да му упатам честитки за огромниот процент за гласови кој го освои на минатите избори. Во еден дел сме соочени со слични предизвици, имајќи предвид дека ги промовираме социјалдемократските вредносни политики. Ставивме акцент на соработка во однос на поддршката и размена на искуства во градењето на новата програма, во делот на поддршката на економските програми, понатаму во поддршката на граѓаните, во делот на зголемувањето на платите, во делот на зголемување на стандардот на граѓаните. Кое Владата кај нас, владата на ВМРО-ДПМНЕ, сериозно го отфрла“, рече претседателот на СДСМ, Филипче.

Тој нагласува дека владата е одговорна да се грижи за граѓаните да не се соочуваат со вакви цени.

„Еве и тука, во Хрватска, има протест на граѓаните за високите цени на маркетите. Кај нас загрижува ноншалантноста и незаинтересираноста на Владата да преземе некакви мерки. Дури со одреден цинизам ги поддржуваат граѓаните да протестираат, а всушност протестот на граѓаните, освен за високите цени и кон маркетите, треба вистински да биде насочен кон Владата, поради тоа што таа е одговорна за формирањето на цените“, рече Филипче.