Хрватската полиција протера српски министер од Јасеновац


На министерот во Владата на Србија задолжен за односи со дијаспората, Ѓорѓе Милиќевиќ денеска му беше забрането да положи цвеќе и да запали свеќа на споменикот на жртвите од усташкиот логор Јасеновац, по што беше протеран од таму, јави дописникот на МИА од Белград. 

Министерот Милиќевиќ на нивна покана беше во работна посета на Србите во околината на Новска.

– По средбите со претставниците на Србите од локалното културно-уметничко друштво и руралните локални заедници, министерот и неговите соработници се упатија кон меморијалниот парк во Јасеновац, со цел да им оддадат почит на убиените Срби во злогласниот логор на НДХ, се наведува во соопштението од кабинетот на Милиќевиќ.

Но, на самиот влез во спомен-комплексот комбето во кое се наоѓаше министерот беше запрено од хрватски полицајци кои го опколија возилото на министерот со три свои автомобили. 

Според соопштенеито, полицаецот, кој не се претставил, наредил комбето со министерот и неговите соработници веднаш да го напушти Јасеновац. 

– Свртете го возилото и веднаш упатете се кон граничниот премин Бајаково, без застанување на територијата на Република Хрватска, нагласил овој полицаец, додавајќи дека „има наредба од врвот“, се вели во соопштението. 

Министерот Милиќевиќ потоа излегол од комбето и побарал само да го фотографира спомен-комплексот, при што бил опкружен од неколку полицајци кои го повториле барањето, придружуван од нив веднаш да тргне на граничниот премин со Србија, се додава во соопштението.