Хрватска: За извикот „За дом спремни“ ќе се казнува и до 4.000 евра


 

Хрватскиот Сабор во петокот го измени Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и драстично ги зголеми казните за прекршоци кои сега изнесуваат четири илјади евра.

Со парична казна од 700 до 4.000 евра ќе се казнуваат најтешките прекршоци, меѓу кои се истакнување симболи и честитки чија содржина изразува или поттикнува омраза, како што е „За дом спремни“, како и ширење лажни вести.

За тешки прекршоци, вклучувајќи тепачка и расправија на јавно место, лажно претставување и неовластено носење службени обележја, казните се движат од 300 до 2.000 евра.

Во износ од 200 до 1.000 евра ќе се казнува навреда и омаловажување на моралните чувства на граѓаните, пијанство или консумирање наркотични дроги на јавно место.

Хрватскиот Сабор по итна постапка го промени споменатиот Закон, на што се спротивставија и левата и десната опозиција, кои инсистираа дека тоа е направено на барање на СДСС, коалициониот партнер на ХДЗ, а во пресрет на неделната комеморација во Јасеновац, пренесува Хина.