Хрватска воведува можност за скратено работно време за да ги зачувува работните места


Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ги претстави најновите мерки за поддршка на хрватската Влада за зачувување на работните места за време на кризата со коронавирусот.

Новите мерки се: работа со скратено работно време, самовработување и помагање на микро-претприемачите во борбата против последиците од пандемијата, пренесуваат хрватските медиуми.

Мерката скратено работно време, како што појасни Пленковиќ, можат да ја користат работодавачите со повеќе од 10 работници со планиран пад од најмалку 20 проценти во однос на истиот месец минатата година, со докази за отежнато работење.

– Мерките се однесуваат на периодот до декември оваа година, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека финансиската поддршка ќе изнесува 2.000 куни нето (265 евра) по работник.

Пленковиќ појасни дека работодавачот е должен да плати придонеси за финансиска поддршка и дека договорот за вработување не може да се раскине најмалку 30 дена по завршувањето на користењето на поддршката.

Од утре ќе бидат реактивирани мерките за активно самовработување.

– Мерката ќе биде и за микро-претприемачи со најмногу девет работници. Исто така, се работи за околу 2.000 куни, рече Пленковиќ.