Хрватска: Треба ли да се укине дневната објава на корона бројки?


Дел од научниците заговараат да се запре со дневната пракса на објавување на новозаболени лица со Ковид-19.

Таква дилема има и во Хрватска на која се противат директорот на Заводот за јавно здравје, Крунослав Цапак и министерот за здравство, Вили Берош.

Тамошниот национален штаб подолго од 200 дена објавува бројки на инфицирани, починати и оздравени лица од корона ворусот. Болеста досега однесе над еден милион човечки животи во светот додека економските последици што ги предизвика, ќе се чувствуваат со години. Од друга страна, пак, секојдневното објавување на бројки на заболени, оздравени и починати влијае врз психата на луѓето.

– Објавување на само голи бројки секој ден навистина влијаат врз домаќинствата, на луѓето, на нивната психа. Мислам дека тоа може да се промени и дека е подобро да имаме одредени погенерални известувања за јавноста, изјави неодамна Иван Ѓикиќ, еден од најдобрите и најуспешни хрватски научници.

Но, Цапак и Берош мислат поинаку.

– Ние, како што гледате, немаме секојдневни прес-конференции, но мислам дека известувањата преку Националниот штаб се добар индикатор за движењето на бројките, рече министерот за здравство.

Слично на него размислува и Цапак.

– Броењето е работа на епидемиолозите. Тоа е показател што е меѓународно договорен. Сите ги следат бројките на новозаразени, констатира Цапак.

Во Хрватска се забележани рекорден број на случаи, дури 542, што е најмногу од почетокот на пандемијата, врз основа на 5.939 тестови. На болничко лекување се наоѓаат 361 пациент од кои 27 се на респиратори.