Хрватска со построги мерки – пропусници и ограничувања за домаќинствата од 22 декември до 8 јануари


Од вторник, Хрватска ја очекуваат построги мерки, што ќе бидат на сила од 22 декември до 8 јануари и, меѓу другото, ќе бидат воведени пасоши за движење и ќе се воведе забрана за собирање луѓе од повеќе од две домаќинства.

Според порталот Индекс, постојните мерки ќе бидат продолжени, а ќе се додадат и неколку нови.

Дефинирани се нови правила за пропусници што ќе бидат построги отколку за време на првиот бран. Кризниот штаб сака да го избегне претходното искуство кога масовно се издаваа пропусници за вработени во компаниите, па на крајот на првиот бран беа издадени повеќе од милион.

Затоа, движењето меѓу жупании ќе им биде дозволено првенствено на вработените во службите на кои навистина им треба, како и во ретки посебни случаи. За компаниите ќе бидат обезбедени само за оние вработени кои не можат да работат од дома.

Премин ќе биде возможен за полицијата, пожарникарите, медицинските работници и другите служби за итни случаи.

Од вторник, ќе важи и забраната за собирање повеќе од две домаќинства. Оваа одредба ќе се додаде на сегашното ограничување на приватните собири на максимум десет лица.

Според хрватските медиуми, Кризниот штаб сепак одлучил да иизлезе во пресрет на Црквата, но само за Бадник и Божик. Тие два дена, наместо ограничувањето од 25 лица, без оглед на големината на црквата, ќе важи правилото – една личност на седум квадратни метри црква.

Истото правило за една личност на седум квадрати ќе важи за театри, кина, галерии и други места што припаѓаат на доменот на културата. Тие остануваат отворени.

Како дел од продолжувањето на постојните мерки, забраната за работа на кафулињата останува во сила, а рестораните остануваат затворени за гости.Рестораните во хотелите остануваат отворени, но нема да можат да организираат новогодишни прослави.