Хрватска: Се развеле, а детето го оставиле да живее само, без струја, вода и греење


Средношколец (17) од Хрватска три месеци живеел сам во куќа без електрична енергија, вода и греење бидејќи никој од неговите родители не го повел со себе по разводот.

Прво од куќата заминала мајката, а таткото се иселил една година подоцна. Тие имале две деца. Кога помалото дете отишло да живее кај баба си, средношколецот останал сам.

Поради грубо занемарување на должноста да одгледуваат и да воспитуваат деца, полицијата ги пријавила во државното обвинителство 40-годишниот татко, инаку познат на полицијата од претходно и 39-годишната мајка, пренесува „Јутарњи лист“.

Како што откриваат упатени извори во случајот, родителите имале финансиски проблеми, по што мајката решила да замине во странство. Работејќи земјоделство, таа некое време останала во странство и потоа се вратила дома кај семејството, каде што не останала долго. Се развела од сопругот и се договориле синот да остане со мајката, додека ќерката, која била ученичка во основно училиште, да живее со таткото. Набргу потоа, мајката се преселила во странство за да основа ново семејство. Таа нашла нов сопруг со кого добила дете. А синот останал да живее со татко си и сестра си. Како што открива истрагата, мајката повеќе не прашувала за деца во Хрватска.

Животот со двете деца во куќа во која се распаднал неговиот брак не можел долго да го издржи ни таткото. Тој, исто така, заминал од дома пред околу една година, така што ги оставил двете малолетни деца во куќата да се грижат сами за себе. Потоа и тој пронашол нова љубов.

„Во овој период, кога нашиот сосед се отсели од куќата, девојчето отиде да живее кај својата баба. Мислевме дека и нејзиниот брат го сторил истото. Момчето го гледавме на улица, но секогаш мислевме дека доаѓа за за да земе нешто од куќата. Во таа куќа, знаете, сигурно немало основни услови за живот една година, почнувајќи со електрична енергија, вода и греење. Подоцна, кога некои институции се распрашуваа, дознавме дека момчето всушност живее само со месеци. Тоа е за секоја осуда. Се надевам дека децата сега се згрижени и безбедни. Ако побараа помош, сигурно целата улица ќе им помогнеше“, вели еден од соседите за „Јутарњи“.

Според надлежните служби, родителите не се грижеле за децата, нивната исхрана, здравје, хигиена, училишни обврски, поради што го занемариле училиштето.

„Девојчето се чувствуваше напуштено. Нема ништо полошо од тоа мајка ти да ти сврти грб. Наводно, таа дури сакала да оди со мајка си, но таа желба не ѝ се остварила. Слушнавме дека момчето успевало некако да се снаоѓа додека било само. Тој, исто така, одеше кај својот дедо за да јаде или да измие нешто, меѓутоа тој човек нема услови да ги прими внуците затоа што живее на раб на егзистенција“, заклучува друг сосед.

Надлежните за ваквата состојба на децата биле известени од училиштето каде што тие учеле.

(Јутарњи лист)