Хрватска прогласи за непожелни тројца врвни просрпски политичари од Црна Гора

Се работи за Андрија Мандиќ, претседател на парламентот на Црна Гора, Милан Кнежевиќ, пратеник, и Алекса Бечиќ, потпретседател на владата


Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ

 

Хрватска денеска најави дека ќе го комплицира продолжувањето на европскиот пат на Црна Гора по влошувањето на меѓусебните односи на двете држави и им забрани влегување во земјата на тројца високи функционери од српскиот блок во Црна Гора. Загреб вели дека добрососедските односи се еден од клучните критериеуми за приклучувањето на земјите кандидати во ЕУ, како што е Црна Гора.

Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска денеска во нота упатена до Амбасадата на Црна Гора во Загреб ја информираше Црна Гора дека Република Хрватска го прогласи Андрија Мандиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора, Милан Кнежевиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора, и Алекса Бечиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора, се непожелни во Хрватска поради системски дејствија за нарушување на добрососедските односи со Република Хрватска и континуираната злоупотреба на Република Хрватска за внатрешно-политички цели. соопшти Министерството.

„Министерството за надворешни и европски прашања изразува жалење што мнозинството во парламентот на Црна Гора одлучи да ги игнорира континуираните повици на Република Хрватска да не прави потези кои можат негативно да се одразат на нашите билатерални односи и на европскиот пат на Црна Гора. Во овој контекст се издвојуваат постапките на споменатите политички функционери и нивното однесување не може да се смета за добронамерно и добрососедско во однос на Република Хрватска, ниту пак е во согласност со декларираната цел за членство на Црна Гора во Европската Унија“, наведуваат од министерството, пренесува „Вијести“.

Тие додаваат дека добрососедските односи се еден од клучните елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација и еден од клучните критериуми за оценување на напредокот во пристапниот процес на Црна Гора, во согласност со преговарачката рамка на Европската унија за Црна Гора. .

„Хрватска ја поддржува европската Црна Гора, го поддржува процесот на пристапување во Европската унија и се залагаше за напредок на европскиот пат на Црна Гора. Република Хрватска очекува Црна Гора да се однесува во согласност со европските вредности и во европскиот дух и дека ќе ги насочи своите напори кон натамошно исполнување на условите и критериумите во процесот на пристапување“, се вели во соопштението.

До заладувањето на односите меѓу Хрватска и Црна Гора дојде откако пред еден месец собранието на Црна Гора ја донесе резолуцијата за геноцид во логорите Јасеновац, Дахау и Маутхаузен. Претставниците на опозицијата не учествуваа во гласањето на резолуцијата бидејќи сметаат дека на овој начин официјален Белград го злоупотребува своето влијание во Црна Гора.

Резолуцијата предизвика бура од реакции во Хрватска. Премиерот Андреј Пленковиќ тогаш изјави дека резолуцијата е штетна за билатералните односи и дека тоа е лош и непотребен потег.

Дури и шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, по усвојувањето на резолуцијата ја одложи посетата на Црна Гора.

Хрватскиот МВЕП рече дека усвојувањето на резолуцијата ќе ја забави интеграцијата на Црна Гора во ЕУ и ја повика Подгорица да ги гони воените злосторства што се случија за време на опсадата на Дубровник.