Хрватска овозможи онлајн венчавки

Во Хрватска од вчера склучувањето брак е можно да се направи и преку интернет. Како што пишува Новац.хр, ваквата услуга е можна преку системот за е-граѓани, со пополнување на е-пријава за венчавка.

Оваа услуга им овозможува на младенците да го регистрираат својот брак без да одат во матичните служби“, појаснуваат од хрватското министерство за управа.

Процесот на поднесување на барање може да го почне невестата или младоженецот. Дури откако еден од нив ќе ја пополни пријавата, таа станува достапна за другиот кој може да ја разгледа, да додаде информации и да ја потврди. Покрај тоа, апликацијата за е-венчавка вклучува и плаќање на административни такси и за таа цел може да се користат картички, уплатници со методот „фотографирај и плати“ или интернет банкарство.

Откако и двајцата, невестата и младоженецот, ќе ја потврдат пријавата, таа се проследува на одобрување до надлежниот матичен уред според избраната локација на склучување брак.

Предуслов за користење на оваа услуга е невестата и младоженецот да имаат отворено Лично корисничко сандаче (ОКП) во системот е-граѓани. Ако некој од идните сопружници нема отворено ОКП, системот ќе го предупреди и ќе му овозможи да отвори.

Матичарот може да го прифати записникот и дополнително да и овозможи на идната брачна двојка да ги плати потребните такси за составување на записникот и за самиот чин на брак преку системот е-такси. Невестата и младоженецот можат да го следат статусот на пријавата на апликацијата е-пријава за венчавки. Сите документи ќе бидат испратени до невестата и до младоженецот во Личното корисничко сандаче (ОКП). Матичарот може и да ја одбие апликацијата и во тој случај невестата и младоженецот ќе добијат порака во ОКП за причината за одбивањето и упатства за понатамошно постапување.