Хрватска оваа есен очекува одлука за приклучување кон Шенген зоната од 1 јануари следната година


Советот на ЕУ следната недела ќе испрати нацрт-одлука за пристапување на Хрватска во Шенген зоната на 1 јануари 2023 година, а конечната одлука би можела да биде донесена оваа есен, јави Хина, повикувајќи се на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

„Следната недела Советот на ЕУ ќе испрати формален предлог до Европскиот парламент за пристапување на Хрватска во Шенген“, изјави денеска Пленковиќ пред Европскиот парламент.

Одлуката за приклучување кон Шенген зоната ја усвојува едногласно Советот на ЕУ, а процедурата вклучува барање мислење од Европскиот парламент пред конечната одлука.

Пленковиќ рече дека се надева оти Европскиот парламент наскоро ќе гласа за неговиот став за предлогот и дека конечната одлука за членството на Хрватска во Шенген зоната ќе биде усвоена за време на чешкото претседателство со ЕУ оваа есен.

На почетокот на 2023 година, Хрватска најверојатно ќе се приклучи и на еврозоната и на Шенген зоната, наведува Хина.