Хрватска научничка објасни што внесуваме во нас со вакцината против Ковид-19


Хрватската научничка Жељка Трепотац, молекуларен биолог, која работи во Минхен, гостуваше во една емисија во која зборуваше за вакцината против корона вирусот, која се темели на информациска РНК.

„Овој вид вакцини се темелат на информациска РНК, а во нашиот организам се внесуваат само упатства кои им ги даваме на ќелиите кои пак, понатаму прават протеини врз основа на кои нашиот организам понатаму создава имунитет. Што се однесува на обичните вакцини, најчесто се користат ослабени вируси или живи вируси кои се внесуваат во нашиот организам и на кои нашето тело стекнува имунитет“, вели таа.

Но, во јавноста постои одреден отпор кон вакцинацијата против корона вирусот, а Трепотац смета дека причина за тоа е недостатокот од информации.

Таа вели дека народот има страв од оваа вакцинација, затоа што вакцината е нова, прва од тој вид која е одобрена, а не се запознати со микробиологијата која стои зад тоа.

Трепотац детално објасни и што точно човекот внесува во организмот кога се вакцинира против корона вирус.

„Лицето кое ќе прими вакцина против корона вирус од овој вид прима РНК, значи рибонуклеинска киселина спакувана во липидна наночестичка. Значи, имаме слој липиди и внатре се наоѓа РНК. Кога тоа ќе влезе во клетката, таа ќе створи протеин кој инаку е дел од вирусот, значи во организмот не внесуваме никаков дел од вирусот, туку само упатство како да настане еден протеин од вирусот на кој нашето тело реагира“, вели таа.

Трепотац се осврна и на бројните теории на заговор кои се поврзуваат со вакцината, како таа дека вакцината ќе го менува генетскиот код или дека е поврзана со абортирани фетусни ќелии.

„Кај оваа вакцина ни едната ни другата теорија не држат вода, тоа едноставно е невозможно. Знаеме дека ДНК е сместена во јадрото, таа се препишува во РНК, која доаѓа во цитоплазмата. Ние само го правиме тој чекор па директно РНК ја внесуваме во цитоплазмата. Нашата РНК, која доаѓа со вакцината, нема да дојде до јадрото, не може да го промени нашиот геном и не може да влијае на ништо, затоа што тоа е нестабилен молекул кој ќе биде во нашите ќелии само два, три дена, ќе ја заврши својата работа и ќе исчезне“, вели Трепотац.

„Оваа вакцина е прва од тој вид која воопшто не произведува во ќелиите, ни во ќелиската култура, синтезата е хемиска, се се случува ин витро, значи во епрувети и нема допир со живите ќелии“.