Хрватска најатрактивна за сезонска работа за Македонците


Македонците не го губат интересот за работа во странство, особено за сезонска работа од неколку месеци во земјите од регионот и во Европа. Според агенцијата „Коузон“, најатрактивна е Хрватска во овој период на летна сезонска работа во угостителството. Како што објаснува менаџерот во агенцијата, Ирена Петреска, Хрватска е атрактивна поради поволните услови и платата што ја нудат работодавците.

– Поволната плата, почнувајќи од 600 до над 1.000 евра за работа во угостителството, ја прави Хрватска атрактивна во овој период за сезонска работа за младите и повозрасните Македонци. Хрватските работодавци, според договорот, нудат работа за сите што не се од земјите во ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Тие нудат и работни дозволи, бесплатно сместување и храна, солидни плати и комплетни услови, особено со платен превоз назад за ангажираните работници. Лани се одеше во Бугарија, но годинава дефинитивно е атрактивна Хрватска за сезонска работа од три и повеќе месеци, објаснува Петреска.

За работа се бараат и многу искусни и работници со занимање, атрактивни за оние на возраст од над 30 години.

– Не ретко за работа во хотелиерството и во угостителството овој период во Хрватска се бараат оние со над 30 години возраст, па сè до 50-ина години, кои се сметаат за искусни, луѓе со занимање и стабилност, вели Петреска.

За студентите овој период за работа во странство остануваат Германија, Малта и европските земји. Сè уште не стивнува интересот за работа на брод, но работодавците сега имаат повисоки критериуми. Ексклузивно е што во последно време се бараат пожарникари.

– За работа на брод се подигнати критериумите на работодавците и тоа е препорака за младите да имаат одредени познавања, занимања, искуство и многу е битно, домашно воспитување и кредибилитет. Необично е што во последно време се бараат пожарникари на прекуокеанските бродови кои, додека се обновува бродот, се грижат за заштита од пожари и други опасности. Тие работат интензивно 20-ина дена, па се враќаат и повторно се ангажираат по потреба. Тоа е добредојдено за сите за да се зголеми домашниот буџет, смета Петреска.