Хрватска: Монаси се досетија како да заработат од туристите во Пула


Во овој период во годината Хрватска е преполна со туристи, па со тоа и слободните места за паркинг се вистинска реткост. Па така, монасите од пулскиот манастир „Свети Франциск“, кој се наоѓа во близина на стариот дел од градот, се досетиле како да заработат од туристите и локалните жители кои сакаат да паркираат веднаш до Стариот град.

Имено, во црковниот двор, кој води преку улицата „Кастропола“ до Стариот град, паркингот не се плаќа со СМС-порака, пари, или на паркомат, пренесува novac.hr.

Монасите се досетиле паркирањето во црквата да го наплаќаат со доброволен прилог. Имено, паркирањето во тој дел од градот е забрането, така што издавањето сметки би било убедлив доказ дека свештениците се занимаваат со незаконска дејност, пренесува „Гласот на Истра“.

Не е познато кога точно манастирот го започнал бизнисот со паркирање, но некои корисници на пракинг-услугите велат дека плаќаат 500 куни (околу 70 евра) месечно за резервиран простор во дворот, кој заедно со манастирот се протега на скоро пет илјади квадратни метри.

На нелегалниот паркинг има многу автомобили со странски регистарски таблички, но не е јасно колку автомобили им припаѓаат на оние што живеат и работат во манастирот.

Доколку се претпостави дека цената е иста за сите корисници, манастирот може да заработува месечно илјадници евра без да плаќа данок.