Хрватска ќе треба да плати 200 милиони долари на унгарски МОЛ

Американскиот федерален суд во Вашингтон го отфрли барањето на Хрватска за отфрлање на наредбата на унгарскиот МОЛ за спроведување на арбитражната одлука од 2022 година, со што уште еднаш се потврди меѓународната правна сила на арбитражните одлуки и обврските на државите кон инвеститорите во согласност со меѓународните договори, пишува Вечерњи лист.
Станува збор за компензација што пред две и пол години, како дел од долготрајниот и сложен процес на арбитража, ја додели Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID), кој работи под покровителство на Светска банка.
Арбитражниот суд потоа пресуди во корист на унгарската енергетска компанија МОЛ, утврдувајќи дека Хрватска прекршила една од нејзините договорни обврски според сопственичкиот договор во ИНА, заедничка нафтена компанија во која двете страни имаат удел.
Во центарот на спорот беше обврска која Хрватска, според одлуката на судот, не ја исполнила, со што, според арбитражата, биле прекршени правата на МОЛ како странски инвеститор. Хрватска потоа се обиде да ја оспори примената на арбитражната одлука пред американски суд, тврдејќи дека има причини зошто пресудата не треба да биде извршна на територијата на САД.
Со одлука на американскиот суд ваквите аргументи беа отфрлени, со што МОЛ доби правна основа дека во случај на неплаќање може да бара присилна наплата преку американските судови. Така, Хрватска е обврзана да плати 200 милиони американски долари, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.