Хрватска ја повикала ЕК да ја објави преговарачката рамка за Македонија


Aмбасадорката  Нивес Тигањ го информираше премиерот Оливер Спасовски дека Хрватска доставила допис до Европската Комисија дека во јуни треба да биде поставена преговарачката рамка за Северна Македонија, со што ќе се отвори патот за првата меѓувладина конференција која треба да го означи почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Премиерот Спасовски ја оцени како исклучително важна и иницијативата на Хрватска да се забрза потпишувањето на договорот за членство на Северна Македонија во Фронтекс со што значително ќе се зајакнат безбедносните капацитети на границата, за која на средбата извести амбасадорката Тигањ и која информираше дека овие денови хрватскиот контингент полициски службеници на нашата јужна граница ќе биде заменет со нов состав.

Премиерот Спасовски на средбата потенцираше дека сите прашања од особено значење за Северна Македонија, за кои Хрватска во овој период даде поттик и поддршка да се решат во најдобар интерес на земјата, треба да се заокружат во услови на функционални институции формирани врз основа на волјата на граѓаните на избори. Тој нагласи дека е од исклучителна важност тие да се одржат во првиот можен рок, односно дека датумот на изборите го определува Уредбата со законска сила со која што изборните дејствија се ставија во мирување и која утврдила дека изборните рокови продолжуваат во моментот кога ќе престане вонредната состојба.