Хрватска го поддржа писмото на министрите за надворешни работи за Македонија, но не го потпишува


Хрватска го поддржува писмото кое во врска со Северна Македонија и Албанија до ЕК го испратија министрите за надворешни работи на шест земји членки на ЕУ, но не го потпишала.

Тоа во Брисел го изјави државната секретарка во хрватското Министерство за надворешни и европски прашањаа Андреја Метелко Згомбиќ и објасни дека Хрватска не го потпишала писмото бидејќи не е примерно како земја која наскоро ќе претседава со ЕУ формално да се поврзува со тие предлози.

„Нашите ставови останаа исти, тие се доследни. Ние ја поддржуваме содржината на тоа писмо, меѓутоа, како држава која наскоро ќе го преземе претседавањето не е вообичаено формално да се поврзуваме со некој конкретен предлог“, изјави Згомбиќ која во Брисел учествува на состанокот за општи работи.

Според ХИНА, таа навела дека Хрватска во текот на своето претседавање ќе се залага да се донесат адекватни одлуки во врска со отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија.

„Ние сакаме да создадеме услови со цел за време на нашето претседавање навистина да можат да се направат позитивни чекори во таа насока. Секако дека постојат одредени замерки во неефикасноста на самиот процес на проширување. Многу земји констатираа дека не доаѓа до соодветен напредок во постапката за проширување. Тоа е нешто на што може да се работи, но паралелно ќе се залагаме во текот на нашето претседавање да се донесат адекватни одлуки, особено за Северна Македонија и Албанија, а се во рамки на подготовките за самитот во Загреб“, изјави Згомбиќ.

На прашањето за хрватскиот став кон францускиот документ во кој се предлага реформа на процесот за проширување, Згомбиќ истака дека го „проучуваат“ и дека ќе го земат како потстрек да се подобри постапката за проширување за доброто на државите кандидати, но и ЕУ во целина.

Австрија, Италија, Словенија, Словачка, Чешка и Полска доставија до Европската комисија писмо во кое ја изразуваат својата подготвеност да се ангажираат на подобрување на процесот за пристапување на Западен Балкан кон ЕУ.

„Ќе работиме на тоа доколку се обезбеди ефикасна работа, се цели на јасни резултати и доколку се обезбеди консензус внатре во ЕУ за отворање на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија во март 2020. година“, се наведува во писмото.