Хрватска ги добива првите станици за полнење водород


Државата ќе субвенционира изградба на станици за полнење на возила со водород со неповратни 30 милиони евра, од кои 15 милиони евра ќе бидат ставени на располагање веќе оваа година, согласно одлуката за стимулации за користење на водородни возила.

Планот е да се изградат шест бензински станици за автомобили и камиони на водород, чии локации ќе бидат познати откако ќе се спроведе јавен тендер и ќе се добијат понуди од компании заинтересирани за субвенции и ќе бидат донесени решенија. Со оглед на тоа што државата веќе годинава планира да потроши половина од планираниот износ за споменатите субвенции, нема да се чека долго за јавен тендер за понуди на компаниите.

Државата е подготвена да поттикне изградба на вакви пумпи за автомобили со максимален износ од два милиони евра, додека прагот за камиони е 3,5 милиони евра. Дел од буџетот во очекуваниот тендер ќе се понуди и за изградба на станици за полнење на електрични возила, но само доколку струјата за станиците за полнење се добива од обновливи извори на енергија.

Хрватска во моментов нема ниту една јавна станица за полнење на водородни возила, а планираните шест би требало да бидат во функција до 2026 година. 

Кога станува збор за прифатливи локации за поставување на пумпи за водородни возила, Министерството го ограничи изборот на домашните патишта кои се дел од мрежата TEN-T на Европската унија. Тоа се, меѓу другите, автопатиштата Вараждин-Загреб, Загреб-Риека и Загреб-Сплит. Со оглед на тоа што водородот во енергетската индустрија се смета за најеколошки енергенс, пред се во јавниот транспорт, одлуката за стимулации за станиците за полнење водород укажа дека ќе се субвенционираат и станиците на јавните транспортни претпријатија.