Хрватска, Данска и Норвешка домаќини на Светското првенство во ракомет во 2025 г.


Хрватска, Данска и Норвешка заеднички ќе го организираат Светското првенство во ракомет во 2025 година, одлучи ИХФ во петокот во Каиро, јавија хрватските медиуми.

На првенството во 2025 година во Хрватска ќе се играат четири групи од првиот круг, две групи од второто коло, два четвртфинални натпревари и едно полуфинале. Другите натпревари ќе се играат на северот на Европа, а во главниот град на Норвешка, Осло, ќе се игра финалето, како и натпреварот за третото место.

Во Норвешка, покрај Осло, ќе се игра и во Трондхајм, Ставангер, Драмен, а во Данска во Копенхаген и во Хернинг. Ова е трето Светско првенството на кое што ќе се натпреваруваат по 32 национални селекции.

Домаќин на светското ракометно првенство во 2021 година е Египет, а во 2023 година Полска и Шведска. И на нив ќе настапуваат по 32 селекции.

Хрватска до сега беше домаќин на Европското ракометно првенство во 2000 година, на Светското првенство во ракомет (2003), Светското првенство во ракомет (2009) и Европското првенство во ракомет (2018).