Хрватите пресекоа: Забрана за родители во училишта последните две недели од учебната година

Во полседните две недели од учебната година, родителите на учениците во основните и средните училишта во Хрватска немаат дозвола да влегуваат во училиштата. Со оваа мерка, која важи за последните две недели од наставната година, се забрануваат родителските средби и индивидуалните разговори со наставниците, а годинава таа забрана почна на 2 јуни.
Мерката е утврдена со новиот Правилник за начини, постапки и елементи на вреднување на учениците, а целта е да се намали притисокот врз наставниот кадар во периодот кога се заклучуваат оценките.
И покрај забраната, дел од родителите продолжуваат да се обидуваат да стапат во контакт со наставниците, најчесто со надеж да влијаат на завршните оценки на своите деца. Наставниците се жалат дека пред крајот на учебната година притисоците значително се зголемуваат – некои родители доаѓаат ненајавено во училиштата или ги контактираат наставниците надвор од работно време, што дополнително ги оптоварува.
Хрватските просветни власти очекуваат дека оваа забрана ќе ја намали тензијата и ќе им овозможи на наставниците мирно да го завршат процесот на оценување.